Газди со години на вработените им даваат плата од два денара, инспекторите во акција по алармот од „Гласен текстилец“

Од Управата за јавни приходи велат дека компаниите за кои има такви пријави имаат огромен број вработени и тие се посебна целна група на инспекторите, но процесот ќе трае подолго зашто се истражуваат повеќе години наназад. И Од Државниот трудов инспекторат информираат дека имаат пријави за исплата на помали плати од минималната

724

Вработени во фабрика за чевли од Штип за септември добиле плата од само два денара, а стотина работнички во една текстилна фабрика од истиот град наместо плата добиле аванси од 2.000 до 5.000 денари, алармира невладината организација „Гласен текстилец“.

Кристина Ампева од оваа организација додава дека не е реткост газдите да исплатуваат помала плата од законски загарантираната минимална, а не плаќаат ни здравствено осигурување, што е особено проблематично во услови на актуелната пандемија.

-Да не излезе дека само ние зборуваме за овие проблеми, прашајте и во трудовата инспекција и во Управата за јавни приходи. Ова не е ништо ново, се провлекува со години. Прашање е како сево ова поминува во УЈП, изјави таа за весникот ВЕЧЕР.

Овие злоупотреби што ги прават работодавците особено во трудово интензивните гранки невладините организации пред празниците им ги предочија и на претставници на Државниот трудов инспекторат и на Управата за јавни приходи на заеднички состанок. Од двете институции велат дека преземаат активности за разрешување на оваа ситуација. Директорката на УЈП информира дека инспекторите вршат интензивни контроли во фирми за кои имаат сознанија дека давале помали плати од минималната, па дури на работниците им исплатувале и по 1,7 денари. Таа потврдува дека овие проблеми не се од сега, туку се провлекуваат со години и додава дека тие компании за кои имаат такви сознанија се посебна целна група на инспекторите.

-Имаме една посебна целна група на компании каде правиме детална контрола затоа што се пријавувани дека исплаќаат под минимална плата или исплаќаат пет денари плата, или исплаќаат 1,7 денари плата кон вработените. Не знам дали тие се во списокот на компании кои добиле помош, но станува збор за компании со огромен број вработени кои најчесто ги држат на минималец. Години наназад се зборува за овој проблем, па сега ќе видиме како ќе откриеме и таму одредени слабости, зашто таму не контролираме само исполнетост на условите за државна помош, туку и даночно работење. Тој процес ќе трае подолго, бидејќи се враќаме години наназад, но се надевам дека тоа ќе биде еден коректив за да не ги прават и понатаму истите грешки, рече Лукаревска за А1он.

Таа посочи и дека предмет на анализа се компании во кои физички лица си делат палта од два до три милиони, а своите вработени ги држат на минимални 14.500 денари.

Директорката на Државниот трудов инспекторат Јована Тренчевска вели дека добиваат пријави за исплата на пониски плати од минималната.

-И кај нас пристигаат пријави за исплата на плата во износ под законски утврдениот износ за минимална плата. Законот за работни односи и Законот за минимална плата содржат прецизни одредби со кои се дефинира платата, за што во случај кога тие одредби не се почитуваат од страна на работодавачите, инспекторите со решение ги задолжуваат работодавачите да го исплатат износот на законски утврдената минимална плата. Доколку работодавачите тоа не го сторат во законски утврдениот рок, се изрекува глоба за сторениот прекршок и доколку истата не се плати од сторителот се поведува прекршочна постапка, изјави таа во неодамнешното интервју за весникот ВЕЧЕР.

Тренчевска појаснува дека Законот за работни односи и Законот на минимална плата не го познаваат институтот авансно плаќање и во случите кога место плата се делат аванси се постапува согласно нормите на наведените закони врз основа на кои работодавачите се задолжуваат да исплатат плата и придонеси од плата во износ утврден согласно склучените договори за вработување.

(С.В.)