Газдите најавуваат откази, а синдикатот кривични пријави!

Газдите на угостителските објекти, кои од вчера се целосно под клуч и можат да вршат само достава, велат дека ако итно не добијат помош, без основни приходи ќе останат 30.000 вработени. Хотелиерите исто така бараат дополнителна помош, но најавуваат дека ќе се обидат да ги задржат вработените, додека пак текстилните фабрики кои дополнително се погодени од немањето нарачки, над 6.000 вработени испратија на принуден одмор и најавуваат отпуштања и технолошки вишок

194

Силниот трет бран на коронавирусот во комбинација со големото доцнење на финансиската помош од петтиот пакет мерки, кој уште е заглавен во Собранието,повторно ги урнисаа бизнисите од најпогодените сектори – угостителството, туризмот и текстилната индустрија. Работодавците сега молат за дополнителна финансиска помош, а истовремено преземаат мерки за да го зачуваат бизнисот, па некои најавуваат отпуштање, а други праќање на работниците на колективен одмор. Невладините организации, пак, алармираат дека сиромаштијата чука на врата на работниците.

Од вчера под клуч се сите угостителски објекти кои во изминатиот период живуркаа. Дозволена им е само достава. Поради тоа Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори побара итна финансиска помош. Од Комората проценија дека без основни приходи ќе останат околу 30 илјади граѓани кои работат во овој сектор.

– Со оглед на моменталните услови, ја разбираме потребната од носењето на нови рестриктивни мерки кои треба да доведат до подобрување на состојбите на здравствен план. Но, во исто време апелираме дека е неопходно паралелно со тоа итно да се додели и посебна финансиска помош за субјектите кои поради одлуката за затворање ќе останат без било какви приходи. Финансиска поддршка е неопходна за да се обезбеди основна егзистенција и да не се изгубат овие работни места, изјави Мартин Анѓеловски од Комората и предупреди дека вработените во овој сектор веќе тонат во долгови.

Се огласија и хотелиерите. Претседателот на ХОТАМ, Крсто Блажевски вели дека затворањето на угостителските објекти и целосната забрана за прием на гости и посетители кои не се сместени во хотелите, дополнително ќе ги зголеми и така големите штети што ги претрпува овој сектор. Изразувајќи разбирање за ваквиот потег тој очекува дека секторот ќе биде помогнат со новите пакети мерки, барем со плати за вработените, како што беше и досега.

-Сега сме ранети и ни треба помош, кога ќе закрепнеме, помошта ќе се врати од тие што сме ја добиле, односно од државата, вели Блажески.

Тој појаснува дека се бара еднократна парична помош за справување со другите трошоци, освен со платите, но според тоа кој како плаќал данок, за да не се случи новоотворена фирма да добие исто како некоја што била даночен обврзник 10 или 20 години.Блажевски информира дека засега хотелиерите се обидуваат да ги задржат сите вработени со надеж дека од наредниот месец ситуацијата ќе биде подобра.
Синдикатот на работниците од угостителството и туризмот (СУТКОЗ) при Сојузотнасиндикати на Македонија вчера реагираше на информациите дека најголем дел од угостителите ги одјавиле работниците. Од Синдикатот апелираат до работниците да не потпишуваат какви било бланко документи за откажување на нивните договори за вработување.

– Работодавачите од угостителскиот сектор, да не ги манипулираат работниците од овој сектор, а на работниците им укажуваме да не потпишуваат под присила или закана никакви бланко документи кои работодавачите ќе ги злоупотребат за откажување на нивните договори за вработување. Укажуваме дека спротивно на закон и на колективен договор е доколку работниците имале склучено договори за вработување да се одјавуваат токмуденеска, еден ден пред започнување на мерките со кои се ограничува работењето во овојсектор, велат од Синдикатот и ги охрабруваат работниците сите прекршувања на нивните права да ги пријават кај нив, а најавија и пријави до надлежните инспекциски служби, како и кривични пријави.

Текстилните фабрики, пак, дополнително погодени од локдаунот во Западна Европа, пред сè Германија, од каде се нарачките, полека затвораат додека не дојде помошта од државата. Претседателот на Здружението за текстил при Стопанската комора на Македонија Ангел Димитров информира дека над 6.000 текстилни работници се на колективен одмор, а половина од нив се од Штип.

-Работниците се пуштени на одмор, користат две недели од годишниот одмор за 2021 година. Од утринава имав повици од неколку компании од источниот регион. Се надевам дека пратениците конечно ќе помислат на народот, а не на партиите. Во моментов немаме волшебно стапче, ова е преоден период, доколку не се донесе петтиот пакет мерки, од компаниите први ќе си заминуваат работниците со договори на определено, а потоа ќе следи и прогласување технолошки вишок, изјави Димитров.

Оваа индустрија спасот го гледа во помошта предвидена со петтиот пакет мерки, зашто се очекува кон средината на годинава да почнат нарачките кои сега се запрени.

И невладината организација „Гласен текстилец“ се приклучи кон барањата за итно донесување на петтиот пакет мерки. Се предупредува дека политичките калкулации и блокирањето на пакетот со илјадници амандмани веќе удира врз работниците од источниот регион, но и текстилните градови Штип, Прилеп и Кочани. Кристина Ампева од оваа организација вели дека сиромаштијата веќе им чука на врата на текстилните работници.

-Знаете дека изминатите години тие земаа плата многу помала од минималната, противуставно дискриминирани, меѓутоа ова продолжува. Исто, зголемени се и цените на продуктите, огромен дел од работниците се жалат од доцнење на плата, немаат здравствено осигурување, а тоа е особено лошо сега во време на една ваква здравствена, економско социјална криза, вели таа.

А од Владата засега нема најава дека би одговорила на барањата за дополнителна помош, додека пак од Собранието сè уште нема абер дека по цели два месеца конечно ќе се откочи донесувањето на петтиот пакет мерки во кој е и помошта за плати на вработените. И покрај некаков начелен договор, законот за оваа помош сè уште е затрупан со илјадници амандмани, па го нема на агендата на Собранието кое има закажано седници до 26 овој месец. Поради тоа без плати за февруари останаа вработени во околу 7.000 компании, а неизвесна е и исплатата на мартовската плата која треба да се изврши најдоцна за една недела.

За разлика од кај нас, каде што законите кои треба да овозможат зачувување на илјадници работни места пратениците ги користат како монета за поткусурување, а Владата два дена се оглушува на апелите за дополнителна помош за најпогодените сектори, во регионот таквата помош стигнува експресно.

Грчката Влада, на пример, обезбеди зголемен надомест од 1.000 до 4.000 евра специјално за бизнисите со најмногу 50 вработени кои со одлука на државата остануваат затворени цел април. Министерот за финансии на Грција Христос Стајкурас во понеделникот објави дека оваа нова, дополнителна финансиска поддршка достигнува 130 милиони евра. Наменета е за околу 100.000 бизниси во туристичкиот сектор, културата, спортот, транспортот, фитнес-центрите, игротеките и други кои се затворени. Со помошта се опфатени и 10.800 продавници од Солун, Ахаиа и Козани, кои остануваат затворени и по одлуката трговците во другите региони да почнат со работа. Интересно е тоа што додатокот е неповратен и ослободен од данок, а висината е во зависност од бројот на вработени. Бизнисите со најмногу пет вработени добиваат по 1.000 евра, на оние со до 20 вработени им следуваат 2.000 евра, а 4.000 евра се предвидени за бизнисите кои имаат од 21 до 50 вработени.

Освен ова, за сите бизниси што се соочуваат со рестрикции и во април важат мерките од претходниот период како што се седмиот циклус на повратен аванс, ослободување од плаќање кирија, исплаќање надоместок за специјална намена и целосно покривање на придонесите за осигурување на вработените чии договори се привремено прекинати и слично.

(С.В.)