Газдите кои го фатија последниот воз се спасија од казната, но не и од јавниот срам

Списокот на фирми кои земале државна помош, а не им исплатиле плати на вработените првично броеше 570 компании, но откако власта јавно ги објави и им се закани со санкции, многумина од газдите побрзаа да им се раздолжат на вработените. Целта на државната финансиска поддршка, како што истакнаа синдикатите и експертите беше да се зачуваат работните места во време на криза, а не газдите да профитираат на грбот на работниците

309

Помина и дополнителниот рок кој Владата им го даде на газдите кој земаа државна помош да им исплатат плати на вработените. Списокот на фирми кои земале државна помош, а не им исплатиле плати на вработените првично броеше 570 компании, но откако власта јавно ги објави и им се закани со санкции, многумина од газдите побрзаа да им се раздолжат на вработените. Целта на државната финансиска поддршка, како што истакнаа синдикатите и експертите беше да се зачуваат работните места во време на криза, а не газдите да профитираат на грбот на работниците.
Претседателот на Бизнис Конфедерација на Македонија, Миле Бошков за весникот ВЕЧЕР изјави дека самиот чин е поразителен, а работодовачите кој го фатија последниот воз ќе успат да се спасат од казната, но самиот чин е поразителен.
-Помошта од државата беше наменетза за работниците. Работодавачите штетата можат да ја компензираат на друг начин, а не преку грбот на работниците. На овој начин тие ја злоупотребуваат својата позиција и својот личен профит го ставаат на прво место пред потребите на работниците. Имаме информации дека дел од работодавачите кои имале блиски врски со луѓе кој работеле во УЈП ги злоупотребиле информациите и уште понеетички се однесувале кон вработените. Тоа што некој од фирмите побрзаа да го фатат последниот воз и на своите вработени да им исплатат плати можеби ќе успат да се спасат од казната, но намерата е јасна, а самиот чин е поразителен, вели Бошков.
Тој додава дека на овој начин работодавачите ја газат довербата на работниците и ја оправдуваат тенденцијата што голем број од луѓето во државата сакаат работат во државната администрација.
Според Законот за работни односи платата се исплатува за период кои не смее да биде подолг од еден месец, односно најдоцна 15 дена по изминувањето на исплатниот период. Во Законот е предвидена и глоба од 3.000 евра за работодавачот и 900 евра за директорот ако не е исплатена платата во законскиот рок. Во Кривичниот законик, пак, за повреда на правата од работен однос се предвидени дури и затворски казни.
Според последениот ажуриран список на УЈП заклучно со 4 август има вкупно 413 компании кои до тој датум не ги исплатиле платите.
-Листата на фирми кои не исплатиле плата на своите вработени секојдневно се ажурира и се доставува до Генералниот секретаријат на Владата. Заклучно со плаќањата до 4 август годинава, за април не исплатиле плати 172 фирми, а за мај 241 фирма на кои им била исплатена финансиска помош, а не исплатиле плати на вработените, велат од УЈП.
Оттаму објаснуваат дека согласно владината Уредба според која беше одредено какви услови треба да исполнат фирмите што ќе добијат финансиска помош, за овие фирми треба да следуваат или парични казни, или да мора да ја вратат паричната помош што ја добиле од државата.

(А.С.)