Новата клупска сезона можно е да помине во знакот на неколкуте таленти кои треба да блеснат на големата сцена. Тиражниот шпански весник „Марка“ издвои неколку играчи кои до пред една година беа непознати за фудбалската јавност, а сега вредат милиони евра.

ЏЕЈДОН САНЧО

Офанзивниот играч за врска од редовите на Борусија од Дортмунд можеби предизвика најголема „експлозија“ помеѓу младите фудбалери. Како играч се оформи во младинските категории на Ватфорд и Манчестер Сити, а во 2017 година беше купен од германскиот бундеслигаш за 8 мил. евра. Денеска има 19-години и вреди 100 мил. евра. Изминатата сезона на одиграните 34 натпревари постигна 12 погодоци и запиша 17 асистенции.

ФРЕНКИ ДЕ ЈОНГ

Пред една година никој не знаеше за овој фудбалер, можеби само најголемите фудбалски фанови знаеа за фантастичниот холандски играч за врска кој го купи Барселона од Ајакс за 75 мил. евра, а до пред неколку години вредеше само милион евра. Изминатата сезона на одиграните 50 натпревари постигна четри погодоци и запиша пет асистенции.

ЖОАО ФЕЛИКС

Португалците се убедени дека е вистинскиот наследник на Кристијано Роналдо. Младиот напаѓач на Бенфика е желба на европските гиганти, но најверојатно нема да ја промени средината ова лето. Пред една година вредеше 2 мил. евра, а сега е достапен за 120 мил. евра. На 39 одиграни натпревари во изминатата сезона постигна 19 погодоци и запиша 11 асистенции.

НИКОЛАС ПЕПЕ

Пред две години, Лил го купи од Анжер за 10 мил. евра, а 24-годишниот напаѓач моментално вреди 70 мил. евра. Најголем интерес за неговите услуги покажаа челниците на англискиот премиерлигаш Манчестер Јунајтед, а на одиграните 40 натпревари во изминатата сезона, Пепе постигна 23 погодоци и запиша 12 асистенции.

ЛУКА ЈОВИЌ

Две сезони играше во дресот на Ајнтрахт од Франкфурт како позајмен фудбалер од редовите на Бенфика. Пред неколку недели германскиот клуб го откупи неговиот договор и веднаш го продаде на Реал (М) за 60 мил. евра. Пред две години вредеше само 2 мил. евра, а во изминатата сезона на одиграните 32 натпревари постигна 17 погодоци и запиша шест асистенции.

КРИШТОФ ПЈОНТЕК

Полскиот интернационалец се докажа во дресот на Џенова, а шест месеци подоцна беше купен од Милан за 35 мил. евра. Во јануари 2018 година вредеше само 900.000 евра, а во изминатата сезона на одиграните 37 натпревари постигна 22 погодоци и запиша две асистенции.