На пикерите им кажав дека би било добро да одат на борење или на џудо, а бековите и крилата на бокс или кик-бокс. Имам неколку причини зашто го побарав тоа од нив. Сите боречки спортови се во дијагонален став. Така е и во ракометот, ќе добијат на цврстина, агресивност и храброст, вели црногорскиот стручњак

Новиот тренер на двократниот ракометен европски шампион, тимот на Вардар, Веселин Вујовиќ во поткаст за реномираниот интернет портал „Балкан Хендбал“ го коментира составот на тимот за наредната сезона и нагласи што барал да направат домашните ракометари во составот со цел наредната сезона да ја пречекаат подготвени за борба, за место во тимот.

-Имав разговор со младите македонски играчи во тимот. Од нив побарав летово да одат на боречки спортови. На пикерите им кажав дека би било добро да одат на борење или џудо, а бековите и крилата на бокс или кик-бокс. Имам неколку причини зашто го побарав тоа од нив. Сите боречки спортови се во дијагонален став. Така е и во ракометот, ќе добијат на цврстина, агресивност и храброст. Знаете како е со играчите, штом работат во теретана, веднаш малку се гледаат бицепсите во огледало. Не сакам Македонците во Вардар да имаат алиби и да сметаат дека сè што ќе одработат лошо да биде поправено од страна на странците.  Сакам да ги гризат странците и да не им дадат да играат повеќе од нив. Камо среќа целиот тим да биде составен од Македонци, странците нека гледаат колку и да биле многу платени, откри Вујовиќ.

Црногорскиот стручњак по третпат седна на клупата на македонскиот шампион. Претходно го водеше „црвено-црниот“ тим во периодот од 2006 до 2009 година и 2011 – 2013 година. Во меѓувреме челниците на Вардар се ослободија од осуммина играчи од изминатава сезона, а досега донесоа шестмина нови. Наредната сезона „црвено-црниот“ дрес ќе го носат Едуардо Гурбиндо, Мартин Томовски, Али Шафар, Дарко Ѓуќиќ, Амте Кудуз и Жереми Тото.