Вучиќ со поддршка за Ѓоковиќ: „Да живее Србија. Новак, ние сме со тебе“!/ВИДЕО

360

Српскиот претседател Александар Вучиќ испрати видео порака за поддршка на Новак Ѓоковиќ и му одговори на австралискиот премиер Скот Морисон.

Инаку, денеска Австралија повторно му ја одби визата на најдобриот тенисер во светот и планира да го протера од земјата. Одлуката за одбивање на визата ја донел министерот за имиграција Алекс Хок. Адвокатскиот тим на Ѓоковиќ најверојатно ќе поднесе жалба на одлуката.

„Никогаш не успеаа да му ја одземат гордоста, срцето и достоинството на нашиот народ“.

„Се соочуваме со многу проблеми и бројни притисоци во регионот и од делови од светот. Но, на нашиот народ никогаш не успеаа да му ги одземат гордоста, срцето и достоинството. Ова го велам поради се што се случува во Мелбурн. Нападите и притисокот врз Ѓоковиќ добија размер на кој не можам да не одговорам.

„Можете да замислите како би изгледало тоа кога во Србија некој министер би можел да поништи одлука на судија, значи на важечки судски органи“, рече Вучиќ, додавајќи дека „така ни покажаа можеби како донекаде изгледа независно судство, но пред се како изгледа неважно судство бидејќи целата власт е во рацете на извршните органи“.

„Моралното прашање е многу поважно. Ако сакавте да му забраните на Ѓоковиќ да го освои турнирот по десетти пат, зошто не го сторивте тоа веднаш? Зошто не му кажавте дека е невозможно да добие виза? Зошто го малтретирате и се изживувате, не само над него и неговото семејство туку и над цела една нација? Тоа ли е потребно да ги добиете изборите?“ праша Вучиќ.

„Се појави еден претседател од една мала земја кој може да му го каже тоа на еден голем премиер од една голема земја. Знаете зошто можам, затоа што ја кажувам вистината и затоа што и вие знаете дека кажувам вистина“, рече Вучиќ.

Тој истакна дека „Србија ќе биде со Ѓоковиќ и ќе умее да ви одговори однесувајќи се многу поубаво отколку што вие се однесувавте кон Ѓоковиќ, но почитувајќи ги меѓународните обичаи и почитувајќи сè она што значи адекватно претставување на една држава“, порача српскиот претседател.

„Ќе се бориме за Новак Ѓоковиќ и тоа што ќе го малтретирате еден ден, два или пет дена повеќе или помалку нема да го промени ниту судот на нашиот народ за народот на Австралија кој исклучително го почитуваме и цениме, но ниту за Новак Ѓоковиќ“, рече српскиот претседател.

Можете да напишете стотици илјади текстови најлоши за Ѓоковиќ, тој ќе остане најдобар тенисер на сите времиња и ќе остане во нашите срца, изјави Вучиќ.

„А вие што мислите дека со малтретирање и изживување нешто постигнувате, никогаш нема да се доближите не само на Новак Ѓоковиќ, ниту на кој било обичен човек, и на нашиот и на вашиот горд и достоинствен народ“.

„Да живее Србија, Новак, ние сме со тебе“, порача Вучиќ.