Вучиќ: Нема да има разговори додека вооружените сили на Приштина не се повлечат од север

73
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека премиерот на Косово, Албин Курти „продава магла“ и дека она што го зборува значи дека ќе ги повлече мерките кога Србија ќе го признае независно Косово, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ во Будимпешта посочи дека нема да има никакви разговори додека вооружените сили на Приштина не се повлечат од север и нагласи дека тоа е единственото решение.

-Тие можат да организираат што сакаат, јас нема да се согласам со она за што тие мислат дека ќе се согласам. Вратете се на она што беше, и тогаш можеме да разговараме, кажа Вучиќ на прашањето за наводната организација на итен состанок меѓу Белград и Приштина во Брисел.

Сите во Европа, изјави Вучиќ, знаат за ситуацијата и дека никој нема да го запознаат со ништо ново, туку дека на земјите од Западот им одговара Србија да го признае независно Косово, што не е во интерес на Србија.

-Па, не, се е во ред, ние сме мирни и добри, само вие повлечете ги вашите мерки. Какви мерки? Дали треба да ги повлечеме мерките дека сме суверена држава, а да тие не се суверена држава? Кога ќе ги повлечеме тие мерки, Косово е независно и Србија го призна Косово, кажа тој.

Вучиќ ги праша новинарите „кои беа дејствата на Србија кон Косово“ или „кои беа дејствата на Србија на Цетиње“.

Претседателот на Србија престојува во Будимпешта, каде што ќе учествува на 4 -тиот демографски самит и ќе има неколку билатерални средби – со премиерите на Унгарија, Виктор Орбан, Словенија, Јанез Јанша и Чешка, Андреј Бабиш, а со него е и членот на претседателството на БиХ, Милорад Додик.