Вучиќ: „Ако пука албанскиот окупатор на Србите, ситуацијата ќе биде поинаква“

303

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа им се обрати на граѓаните во врска со актуелната ситуација на Косово и рече дека нема да дозволи погром на српскиот народ.

„Иако со месеци зборувавме дека Курти има само една желба да предизвика конфликти на Косово, малкумина сакаа да ја слушнат вистината. Во последните три дена дури и слабите и политички неписмените можеа да сфатат што е подготвено за денес. Се е во организација на Албин Курти за да дојде до конфликт меѓу Србите и НАТО, а тој, кој е единствен одговорен сака да ги измие Пилатовите раце и да тврди дека тоа нема врска со него“, рече Вучиќ.

Вучиќ синоќа изјави дека војниците на КФОР не ги заштитиле Србите на северот на Косово и не го спречиле незаконското и насилно преземање на власта во општините со српско мнозинство, иако дале гаранции дека тоа ќе го сторат.

„Војниците на КФОР не ги заштитија Србите и не го спречија незаконското и насилно преземање на општините и насилството на кое беа изложени Србите, иако тие постојано даваа гаранции дека ќе го сторат тоа“, рече Вучиќ за време на своето обраќање на јавноста за ситуацијата во Косово.

Вучиќ рече дека КФОР со бодликава жица ги опколил зградите на локалните самоуправи во четири општини и додаде дека тоа требало да го направи во петокот и со тоа да ги спречи новоизбраните албански градоначалници да влезат во тие згради.

„Наместо тоа, ги пуштија лажните општински градоначалници да влезат во општинските згради за да ги заштитат од Србите, наместо да го прават спротивното. Обратно што требаше да го направат, ќе беше во согласност со изјавите, макар и декларативни, од Квинтата, ЕУ и САД, кои велат дека ова е погрешен и незаконски потег на (косовскиот премиер Албин) Курти да испраќа новоизбрани градоначалници во општинските згради“, рече Вучиќ, пренесе Бета.

Вучиќ изјави дека нема да дозволи погром на српскиот народ.

„Запука ли албанскиот окупатор во Србите, ситуацијата ќе биде поинаква“, рече Вучиќ.

Вучиќ рече дека за денеска во 8 часот е закажана средба со Квинта.

„Бараме од земјите од Квинта да го вразумат своето чедо. Србија сака само мир“, рече Вучиќ, додавајќи дека поради тоа најверојатно нема да оди во Братислава.