Вучиќ го врати Законот за експропријација, Владата го повлече од процедура и го менува законот за референдум

48

Владата на Република Србија на вечерашната седница донесе одлука за повлекување на Законот за експропријација од собраниска процедура, кој беше вратен во Собранието на Србија на повторно разгледување од претседателот Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Српската влада ќе направи анализи дали се неопходни измени и дополнувања на Законот за експропријација и доколку се утврди дека треба да се промени Законот, тоа ќе го направи со широка јавна расправа во која ќе се вклучи стручната јавност, професионалните здруженија, претставници од стопанството и граѓанското општество, се наведува во соопштението од владата.

Владата на истата седница му предложи на Народното собрание измени и дополнување на Законот за референдум и народната иницијатива, во членовите 7, 20, 43 и 44. Наведените членови се однесуваат на заверка на потписи, претставници на овластениот предлагач на органот за спроведување на референдумот и на рокот за распишување на референдум.

Со владиниот предлог се укинува таксата за проверка на потписите, а се овозможува и претставниците на овластените предлагачи да бидат дел од органот за спроведување на референдумот.

Исто така, според предлогот, нема да може да се распише референдум за истото прашање во рок од четири години, а Собранието на Србија во рок од четири години нема да може да донесе одлука различна од онаа потврдена на референдумот, се додава во соопштението.

Претседателот Вучиќ најави дека вечерва во обраќањето до јавноста ќе говори за овие закони, како и за протестите што се одржуваат две саботи по ред.