Второ издание на поетската манифестација „Анте Поповски – Антево перо“

145

Годинава Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“, ќе се одвива од 4 до 6 октомври, во Скопје и во родното село на поетот, Лазарополе.

Отворањето е на 4 октомври во 19 часот, во спомен-собата на Анте Поповски во Центарот за култура во општината Ѓорче Петров, во Скопје, каде што поетесата Александра Димитрова, за поетскиот ракопис „Дупка“, официјално ќе биде прогласена за победник на Конкурсот „Антево перо“ за 2019 за необјавена поетска книга на македонски јазик.

На авторите Михајло Свидерски за збирката песни „Граници“ и на Сузана В. Спасовска, за стихозбирката „Јазикот на светлината“ ќе им бидат врачени две придружни награди „Антев златник“ со ликот на поетот Анте Поповски, а на младата поетеса Емануела Ковачевска-Китановска за поетскиот наслов „Кожена душа“ ќе ѝ биде врачена нововостановената награда „Антев часовник“.

На 5 октомври манифестацијата ќе продолжи во Лазарополе, каде ќе се одржи симпозиумот во чест на великанот Поповски насловен „Антево перо“, на кој со научни трудови ќе се претстават: Венко Андоновски, Кристина Николовска, Атина Цветаноска, Атанас Чупоски, Симона Петровска, Наташа Данчевска, Митра Блажевска и Панде Колемишевски. Програмата предвидува и промоција на трудот „Книга за Анте“ од Кристина Николовска.