Врховниот командант и Министерство за одбрана контра генералот – Ништо од враќањето на задолжителниот воен рок

64

Поминаа повеќе од петнаесет години откако во македонските касарни последната генерација на воени регрути го отслужи задолжителниот воен рок, а прашањето за враќање на задолжителното служење во војска повторно станува актуелна тема кај нас.

Началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски, во телевизиско интервју истакна дека има потреба од воведување на задолжителен воен рок.

-Категорично ќе кажам да, има потреба. Знам дека на одредена популација можеби ова нема да им е популарна мерка. Има потреба од причина што 3 или 4 месеци служење на задолжителен воен рок, пример, за машката популација, доколку се воведе, не мора да стартува веднаш. Може првите година, две, да бидат преодни, па да се започне од 2025 година на пример. Зошто да не и женскиот пол, доброволно, да може да служи три месеци воен рок – потенцира Ѓурчиновски.

Демант на оваа идеја експресно пристигна од Министерството за одбрана и од претседателскиот кабинет. И од двете институции велат дека оваа идеја не се разгледувала.

Македонскиот претседател и врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски изјави дека државниот врв во изминатиот период не ја разгледувал можноста за враќање на задолжително служење во Армијата, ниту пак, таква можност е отворена за во иднина.

– Укинувањето на обврската за задолжително служење на воен рок од 2006 година и целосна професионализација на Армијата е одлука која е донесена како дел од процесот на трансформација на Армијата, согласно анализите и проценките на ресурси и потреби на земјата, во целосна координација и консултации со НАТО.   Државниот врв не ја разгледувал можноста за враќање на задолжително служење на воен рок, ниту во изминатиот период, ниту пак таква можност е отворена за во иднина. Република Северна Македонија има професионална Армија, согласно потребите на земјата. Стратешка одлука која ќе продолжи да се применува и во иднина, исполнувајќи ги обврските како полноправна членка на НАТО, велат од кабинетот на претседателот Пендаровски.

Можност за задолжителен воен рок не се разгледувала ни во Министерството за одбрана. “Армијата на Република Северна Македонија е целосно професионална Армија и досега нема никакви планови, ниту консултативни процеси за враќање на задолжителното служење воен рок. Одлуката за професионална војска ќе продолжи да се применува, истовремено исполнувајќи ги сите обврски на државата кои произлегуваат од членството во Алијансата“.

За професорот на Европскиот универзитет, Александар Нацев воведувањето на задолжително служење воен рок е добро, затоа што интересот за младите за професионална војска со годините е драстично намален.

– Последните неколку огласи за прием на ПфВ не се забележува некој особен интерес кај младите лица да работат во АРМ. Мислам дека задолжителниот воен рок е добра идеја, бидејќи ќе придонесе кон зголемување на индивидуалните капацитети на младите, како во поглед на нови вештини како основна војничка обука, така и во делот на стекнување поцврсти морални вредности (патриотизам, дисциплинираност, почитување хиерархија). Јас самиот доаѓам од воената професија, и знам колку мене ми помогнал војничкиот живот во мојот професионален и личен развој, особено во формативните години од животот – изјави Нацев за весникот ВЕЧЕР.

Потребата од воведување задолжителен воен рок ја поддржува и пензионираниот генерал и актуелен пратеник Илија Николовски.

– Лично сметам дека треба да се воведе задолжителен воен рок, кој би траел од 3 до 4 месеци, повеќе од тоа би чинело скапо, изјави Николовски за весникот ВЕЧЕР.

И тој, како и професорот Нацев, смета дека задолжителниот воен рок би бил поволен за обучување, социјализација и професионализација на младите, посочувајќи го примерот од минатото кога регрутите се обучувале да вршат различни професии како возачи, кувари, бербери…, па после завршувањето на воениот рок имале можност вештините што ги научиле во војска да ги преточат во професија.

Аналитичарот Агим Јонуз во изјава за весникот ВЕЧЕР, пак со став дека не треба да се воведе воен рок заради одбрамбени причини, туку потребна е едукација на младите за функционирањето на борбените средства.

-Мое лично мислење е дека секој еден млад човек мора да има познавање како функционираат борбените средства. Ова го кажувам од причина не да ги повикам да го употребуваат, туку барем да знаат како сето тоа се употребува и како да се справуваат со можни предизвици во време на војна. Секој еден млад човек треба да знае што е тоа бомба, како таа функционира и како сите тие нешта во светот на војната можат да предизвикаат фатални последици. Не сметам дека треба да се воведе воен рок од одбрамени причини, но секој еден млад човек треба да биде едуциран еднаш во животот. На крајот на краиштата спремноста за одбрана на една држава, зависи од едуцираноста и конснвентно, спремноста на младата популација –  изјави Јонуз.

Иницијативи за задолжително служење на воен рок, се појавија и во земјите од регионот, како Бугарија и Србија каде веќе е формирана работна група која ќе ги испитува можностите задолжително враќање на воениот рок. (П.Ч.)