Македонската кошаркарска репрезентација го одржа првиот тренинг за квалификациските дуели против Шпанија и Украина за Светското првенство во 2023 година. Прв противник на нашата селекција ќе биде светскиот шампион Шпанија, дуел кој ќе се одигра во СЦ „Јане Сандански“, во рамки на првата фаза за едно од првите три места во групата. Селекторот Драган Бајиќ на располагање требаше да има 15 кошаркари, но на првиот собир не се појави Лејсон Зекири, додека Младеновски имал труење, а Ѓуроски повреда. И во овој циклус, поточно за ноемврискиот „прозорец“ во селекцијата поради повреда нема да бидат Ненад Димитријевиќ и Војдан Стојановски.

Но, тука е повратникот во репрезентацијата Кирил Николовски, кој е подготвен да даде максимум во дресот со националниот грб доколку добие шанса од селекторот Бајиќ.

-Отсекогаш сум стоел на располагање кога е во прашање играњето за репрезентацијата. Па еве ме тука на првиот тренинг во „Јане Сандански“. Свесни сме за тоа, огромен предизвик за сите нас кои се собравме тука, е да се обидеме да дадеме максимум од своите можности. До каде ќе нè доведе тоа во еден ваков натпревар, ќе видиме. Имаме неколку дена за одработување. Реално, и искрено посакувам да се „потрошиме“, да одиме до крајот. Да видиме колку навистина сме подготвени да играме против најдобрата европска репрезентација во овој момент, изјави Николовски за КФМ.

Шпанија ќе гостува во Скопје на 26 ноември во Спортскиот центар „Јане Сандански“ со почеток од 19:30 часот.