„Временски граници не постојат“ – изложба на Сарова Малиска, Штаинер и Јовановска

73

„Временски граници не постојат“ е насловот на меѓународната ликовна изложба која ќе биде отворена на 9 април во 13 часот, во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, а на која ќе бидат изложени дела на уметниците Ленка Сарова Малиска, Карел Штаинер и Петра Јовановска.

„Дадениот момент, времето ги поврзува овие уметници и прави една симбиоза на нивните трудови ставени во еден простор во одредено време. Времето како еден несфатлив феномен на настани. Талкање наназад со цел да се преиспита памтењето. Од минато време да се заклучи сегашноста. Да се води еден личен дијалог со минатото време… Секој го согледува времето на различен начин, некогаш тоа е апсолутно време во смисла на еволуција во природата, некогаш време на лично паметење, кое репрезентира сцени од сопствениот живот или спирално циклично време на творењето….Компониран лавиринт на разни времиња станува целиот изложбен простор, кој воедно е и средина отворена кон лична асоцијација, емоција, состојба и расположение“, ќе посочи кураторот на проектот Петра Јовановска.

Изложбата ќе може да се следи и онлајн на Фејсбук, а ќе биде отворена до 19 април. Поддржана е од Домот на културата „Кочо Рацин“, Град Скопје и Амбасадата на Р. Чешка.