„Врба“ на „Црни ноќи“ во Естонија во чест на починатиот продуцент Ник Пауел

71

„Врба“ на Милчо Манчевски утревечер ќе биде прикажан на 23. Филмски фестивал „Црни ноќи“ (Black Nights) во Талин, Естонија.

Филмот ќе игра вон конкуренција, во програмата Потписи во која се „најновите дела на филмските велемајстори“ и ќе има три проекции. На проекцијата на 27 ноември ќе гостува и режисерот Манчевски кој ќе има сесија прашања и одговори со естонската публика.

Премиерата во Талин е посветена на Ник Пауел, извршниот продуцент на „Врба“, кој почина една недела по македонската премиера. Екипата на филмот го нарече легендарниот Пауел „срце на нашиот филм“. Тој е продуцент на педесетина филмови (оскаровецот „Играчка-плачка“ на Нил Џордан, „Скандал“, „Мона Лиза“) и коосновач на „Вирџин рекордс“, заедно со Ричард Брансон.

Инаку, „Црни ноќи“ е меѓу 14-те светски фестивали од А-категорија рангирани според ФИАПФ.

Во Македонија, „Врба“ месецов постави нови рекорди на прикажување, кога за само 20-тина денови низ повеќе градови го видоа преку 20.000 гледачи. Светска премиера филмот имаше на Фестивалот во Рим.