Францускиот претседател Емануел Макрон, веднаш по пожарот изјави, а истото го повторил и неодамна, дека неговата намера е Нотр Дам да ја врати својата стара слава до 2024 година. Надбискупот Мишел Опети пак, истакнува “Она што ќе претходи на реконструкцијата е зајакнување на ова здание. Кога тоа ќе заврши, ќе можеме да започнеме со реновирање “, рекол Опети пред новинарите собрани за една среќна пригода – отворањето на изложбата на детски цртежи за која главниот мотив беше токму оваа катедрала, која речиси целосно е уништена во пожарот што се случи во април минатата година

Олеснувањето на строгите мерки што беа воведени во Франција заради пандемија на корона вирусот овозможија продолжување на градежните работи на саканата париска катедрала Нотр Дам, чие реновирање, како што е најавено, треба да започне во јануари 2021 година.

Според француските медиуми, на 8 јуни продолжи комплицираниот процес на отстранување на скелињата што се наоѓаат на еден дел од оваа готска зграда. Тие не беа отстранети по пожарот што во април минатата година ја зафати катедралата, ниту тоа беше сторено во текот на претходните месеци, иако беше планирано, токму заради здравствената состојба што се случи низ целиот свет и заради тоа што не беше безбедно експертите да пристапат кон овој комплексен потфат. Станува збор за тони метални шипки, од кои многу се стопиле поради превисоките температури предизвикани за време на повеќечасовното траење на огнената стихија, која пожарникарите на крајот успеаја некако да ја стават под контрола.

Она што ќе претходи на реконструкцијата е зајакнување на ова здание и таа работа е во тек и ќе биде завршена по демонтажата на скелињата.

„Кога тоа ќе заврши, а во тек е финалната фаза, ќе можеме да започнеме со реновирање. Но, мора да имаме во предвид дека непредвидени настани секогаш можат да се случат“, рекол надбискупот Мишел Опети за „Франс 24“. Тој ја дал оваа изјава пред новинарите собрани за една среќна пригода – отворањето на изложбата на детски цртежи за која главниот мотив е токму оваа катедрала, а која Опети ја нарече „знак на надеж“.

Инаку, на Парижаните и на сите оние што се наоѓаат во Париз од крајот на мај (за прв пат од гаснењето на пожарот) им беше дозволено да се приближат до оваа црква, бидејќи беа отстранети металните бариери околу плоштадот што се наоѓа пред нејзината предна страна, што многумина ги доживеаја многу емотивно. На церемонијата присуствуваше и Ана Хидалго, градоначалничка на француската престолнина.

„Нотр Дам е наш симбол, повеќе од Ајфеловата кула“, рече Хидалго по тој повод.

Да се потсетиме, францускиот претседател Емануел Макрон, веднаш по пожарот изјави, а истото го повторил и неодамна, дека неговата намера е Нотр Дам да ја врати својата стара слава до 2024 година.

Богородичната црква или Нотр Дам (Notre Dame de Paris) е готска катедрала на источната половина на островот Сите на реката Сена во Париз, Франција, со главен влез од западната страна. Ова е катедралата на Париз и седиштето на архиепископот на градот. Богородичната црква се смета за најубавиот пример за француската готска архитектура. Виоле-ле-Дик, еден од најпознатите француски архитекти, ја обновил и сочувал од уривање. Името „Нотр Дам“ на француски значи „Нашата Госпоѓа“ (Богородица или Дева Марија). Ова е една од најубавите готски катедрали во светот, градена низ целиот готски период. Скулптурите и витражите се одликуваат со големо влијание од натурализмот, за разлика од пораната романска архитектура.

За време на радикалната фаза на Француската револуција (1790-ти г.), катедралата настрадала од сквернавење, кога голем дел од верската иконографија бил оштетен или уништен. Истата била обновена во текот на XIX век, и така катедралата го добила својот поранешен изглед.

Околу 13 милиони посетители и верници ја посетуваа црквата годишно, или во просек околу 30.000 дневно. Во најфреквентните денови, над 50.000 луѓе дневно влегуваа во катедралата. По нае е напишана една од најпознатите книги на сите времиња од писателот Виктор Иго, „Sвонарот на Богородичната црква во Париз“.

На 15 април 2019 избувна пожар во катедралата предизвикувајќи огромна штета.