Врачена наградата „Роман на годината“, Урошевиќ: Имаме што да му покажеме на светот

41

„Mакедонскиот јазик е јазик кој може да се справи со најтешките задачи што книжевното творештво ги поставува пред него. На планот на книжевните идеи имаме што да му покажеме на светот“, рече академик Влада Урошевиќ, кому синоќа му беше врачена наградата „Роман на годината“ за 2022 година за „Вистината но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“. Свеченото врачување на наградата што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ се одржа по 24. пат.

Урошевиќ истакна и дека во писателот Славко Јаневски отсекогаш пронаоѓал голема инспирација и дека на него гледа со воодушевеност. Тој изрази задоволство што за наградата се пријавиле голем број романи.

„Можеме да констатираме дека имаме една литература во која објавувањето на нов роман станува секојдневна нормална појава. Годинава за оваа награда се пријавија голем број романи. Такво нешто никој од нас порано не можеше да си го претпостави, но тоа што никој не можеше да го замисли се оствари. Мене ми е мило што бев сведок на ова добро патување. Изминавме еден долг пат и притоа докажавме дека имаме предиспозиции да се развиваме и понатаму“, посочи  Урошевиќ, кој наградата ја доби за својот седми роман којшто е во издание на „Арс Ламина“.

Жирито за избор на наградата беше во состав Симона Јованоска, Сашо Кокаланов, Гоце Ристовски и Катерина Богоева, а по три изборни круга во финалето влегле и романите „Папокот на светлината“, „Писмо за Глорија“ и „Столб што пее“.

„Урошевиќ, оживувајќи го македонски јазик во романот ја раскажува историјата на скопското семејство Пустополски, вешто вовлекувајќи нè во приказната на толку ненаметлив начин оставајќи го притоа читателот во пријатни чувства и задоволство по секоја прочитана страница. Нестандарден во секоја смисла, романот ни се обраќа преку своите протагонисти со променлива среќа и ни говори за животот на некое друго, сега веќе далечно време, кое што минувало пред лицето на Вардар“, рече Јованоска во име на жирито, пренесувајќи ги впечатоците за романот.

Извршниот директор на фонацијата, Ѕвездан Георгиевски изрази, пак, надеж дека во иднина преку ваквите настани македонскиот роман ќе биде доближен не само до македонските читатели, туку и пошироко.

Во конкуренција за наградата беа вкупно 35 романи, а таа се состои од плакета, оригинална статуетка, авторство на скулпторот Сашо Саздовски и паричен износ од 150.000 денари.