Доколку до крајот на неделава вработените во Министерството за култура не постигнат договор за зголемување на нивните плати, тие ќе започнат генерален штрајк. Како што велат, имаат пониски плати од вработените во институциите што се под нивна надлежност, поточно под капата на ова Министерство.

Инаку, во оваа државна институција врие, а незадоволството е особено зголемено откако вработените неодамна добија негативен одговор на своето барање, од Министерството за финансии, со образложение дека е економска криза. Интересно е што токму во Министерството за финансии ден потоа, на вработените им беше обезбедено трајно зголемување од 30 проценти на основната плата, како надополнување на редовната плата од 1 јануари 2023 година!

– Проблемот што го имаме, согласно со Законот за работни односи, е во фаза на мирно решавање. Незадоволството на вработените е поради економската и енергетската криза, како и стандардот и платите, кои единствено во органите на државната управа, вклучувајќи ги и министерствата, не се покачија. Во текот на оваа недела ќе знаеме дали мирно ќе го решиме тоа што го бараме и дали, како синдикат, ќе склучиме колективен договор во кој ќе бидат регулирани платите на вработените или ќе одиме на генерален штрајк, што е најнесреќната мерка и за нас – вели за весникот ВЕЧЕР

Бранко Костовски, претседател на Синдикатот при Министерството за култура.
Тој, исто така, потврди дека владее големо незадоволство кај вработените.

– Во буџетот на Министерството ние ги обезбедивме средствата. Незадоволството произлезе од одговорот на Министерството за финансии, каде што при обезбедени средства, добивме негативен одговор, за да утредента самиот министер за финансии, кој е работодавец на своите вработени им обезбеди трајно зголемување на платата. Ние не сме против, но сакаме и ние да го добиеме она што го заслужуваме. Сите сме погодени, 80 проценти од вработените земаат потпросечна плата, а работат во првата борбена линија за секој проблем. Сега се вклучуваат и во пристапните преговори со ЕУ, така што сметаме дека треба да се валоризира знаењето и трудот што го имаме. Мора да се најде начин да се мотивираат вработените – додава Костовски. (Д.Т.)