„Од страна на Министерството за финансии има само молк на нашето барање да нè примат. Затоа со протест продолжуваме и пред Владата. Нашиот револт се однесува на ниските примања што ги имаме како вработени во Министерството за култура и со кои не можеме да го преживееме месецот. Ставени сме во нерамноправна ситуација во однос на нашите колеги од Министерството за финансии. Ако може за вработените во едно Министерство и во органите што се во негов состав да се изврши зголемување на платите за 30 проценти, тогаш бараме соодветно да се изврши валоризација и на нашиот труд“, посочува Бранко Костовски, претседател на синдикалната организација при Министерството за култура на УПОЗ

Вработените од Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство, како и од Агенцијата за филм со едночасовен протест пред Министерството за финансии и вчера побараа зголемување на нивните месечни примања, со кои велат, не може да се живее. Тие упатија барање да се сретнат со Министерот за финансии Фатмир Бесими, а доколку не ги прими, денеска најавија дека повторно ќе протестираат, но сега и пред Влада.

„Во петокот Министерот за финансии не ги прими нашите претставници и во таа смисла сакаме да порачаме дека нема да се откажеме. Ќе бидеме присутни секој ден и во голем број, сè до остварување на нашата цел – соодветна валоризација на трудот на вработените во овие институции. Со плата од 25.000 денари, која ја земаат во просек 70 проценти од вработените во секторот култура, месецот не може да се преживее“, истакна на вчерашниот протест Бранко Костовски, претседател на синдикалната организација при Министерството за култура на УПОЗ. Тој за весникот ВЕЧЕР вчера посочи дека ниту во петокот, ниту вчера не биле примени од страна на министерот Бесими.

„Од страна на Министерството за финансии има само молк на нашето барање да не примат. Нашиот револт се однесува на ниските примања што ги имаме како вработени во Министерството за култура. Ставени сме во нерамноправна ситуација во однос на нашите колеги од Министерството за финансии. Ако може за вработените во едно министерство и во органите кои се во негов состав да се изврши зголемување на платите за 30 проценти, тогаш можеме и ние да добиеме  соодветна валоризација на нашиот труд“, посочува Костовски. Тој исто така истакна и дека бараат потпишување на колективен договор и зголемување на платите по примерот на Министерството за финансии.

„Нагласуваме дека постојниот општ колективен договор не го ограничува правото и сега да се склучи поединечен договор на ниво на работодавец. Затоа останува нејасно зошто ние добиваме негативно мислење за потпишување на колективниот договор, а Министерството за финансии побрза да го реши проблемот на своите вработени дури и со Закон? Бараме од Владата да не дозволи нерамноправен третман на вработените во јавниот сектор. Ако имиџот на една држава се гради и преку културата, бараме да не се дозволи недостоинствен третман токму на луѓето кои ги администрираат сите потреби кои произлегуваат од остварувањето на културата во нашата држава“, истакна вчера Костовски, додавајќи дека платите на речиси 70 отсто од вработените во овие три институции се под просечната плата во државата, а разликата со платите на вработените на исти позиции во установите од областа на културата е и по 10 илјади денари.

Ги охрабруваме и нашите колеги во другите министерства да ни се придружат и заеднички да се избориме за она што ни следува. Имаме поддршка од раководството, од одговорните лица во Министерството за култура и ќе продолжиме по институционален пат да бараме покачување на платите“, изјави Костовски во петокот “, посочи Костовски, кој додаде дека очекуваат министерот Бесими да ги прими, а не да се оглушува на нивните барања.

Инаку, деновиве од Министерството за финансии беше информирано дека во моментот се работи на изнаоѓање на одржливо системско решение кое ќе се однесува на целиот јавен сектор.

„До донесувањето на овие решенија, бараме платите да се решат преку склучување на колективен договор со кој во демократска и транспарентна постапка се дефинира висината на платата. Затоа останува нејасно, зошто Министерството за финансии за себе создаде исклучок, односно зошто уредувањето на платите на вработените од Министерството за финансии е надвор од системот кој треба да важи за сите останати во јавниот сектор?!Зошто и тие не почекаа?!“, прашуваат од синдикална организација при Министерството за култура на УПОЗ.

До затворањето на весникот, вчера сè уште немаше одговор од Владата и Министерството за финансии. (Д.Т.)