Вработените во „Алкалоид“ собираат облека и ќе ја донираат во Црвениот крст

161

Вработените во компанијата „Алкалоид“ собираат облека што не им е потребна, а е во добра состојба и ќе му ја донираат на Црвениот крст во рамки на новата хуманитарна акција „Донирај облека – сподели добрина“, која заеднички ја организираат.

Облеката се донира на наменските пунктови во рамките на сите локалитети на „Алкалоид“ АД Скопје, во периодот од 19 до 30 септември 2022 година.

Во контејнерите за донирање облека на Црвениот крст, лоцирани на територијата на Град Скопје и низ неколку општински организации, во текот на една година се собираат повеќе од четири тони облека, кои најпрвин се селектираат, а потоа се дистрибуираат до крајните корисници (институции, семејства и поединци). Овие донации годишно им помагаат на повеќе од 1.000 лица со социјален ризик кои се обратиле за помош.

„Донирај облека – сподели добрина“ е уште една во низата соработки меѓу „Алкалоид“ и Црвениот крст, кои со години наназад резултираат со голем хуманитарен ефект во интерес на оние на кои им е најпотребна помош, вреднувајќи ги хуманоста, човечката солидарност и општествената одговорност пред сѐ!