Во “5 до 12“, дали (ќе) има “Евровизиски“ музички скандал на македонски начин: Владимир Дојчиновски-Дојчин: “Предлагам годинава да не учествуваме на “Песна на Евровизија“!

604

“Се прашувам со кое право одговорните за проектот “Евровизија“ распишуваат конкурс “во пет 12“, без никакви предходни најави, критериуми…? Одамна оваа “приказна“ е приватизирана од неколку луѓе во МРТВ“, вели Дојчиновски

Дефинитивно сега е јасно дека оваа пролет во месец мај официјално РСМ ќе учествува на “Песна на Евровизија“. МРТВ објави јавен повик до автори и музички продуценти за избор на оригинална, необјавена, современа, авторска композиција, која што ќе биде изведена на“ Изборот за Песна на Евровизија“, оваа 2021 во Ротердам, Холандија.

“Со цел квалитетно и достоинствено претставување на МРТ и Северна Македонија на најпрестижното музичко натпреварување во Европа, Избор за Песна на Евровизија, Македонската Радио Телевизија како носител на лиценцата, ги повикува сите еминенти, но и млади автори да ги испратат своите креативни музички дела и на тој начин да ја зголемат конкуренцијата во селекцијата на песната, којашто Васил Гарванлиев, како македонски претставник, ќе ја изведе на 65-тото издание на Изборот за Песна на Евровизија 2021, во Ротердам, Холандија. Демо снимката со максимално времетраење до 3 минути, според евровизиските пропозициите треба да е квалитетно изработена, со разбирлива вокална линија и хармонија.
Демо снимката до 27-ми јануари да се испрати на е-маил адреса:  eurosong.macedonia@gmail.com

И се е до тука е јасно…..но сепак почна да силно запнува околу многу кусото временско растојание од само седум дена за изработка и испраќање на евровизиската песна што е за многумина автори недозволиво. Например, на многу познатиот наш композитор, музичар но и уметнички директор на “Макфест“ Владимир Дојчиновски-Дојчин вака поставените работи му се “без критериум“:

-Па, ете МРТВ на 20-ти јануари објави конкурс за песна која што Македонија ќе ја претставува на “Евровизија“, а песната треба да се испрати до 27-јануари. Тоа значи, сите кои што имаат песна за одредениот пејач, за Господинот Васил Гарванлиев, да пратат. И сега се прашувам со кое право одговорните за проектот “Евровизија“ распишуваат конкурс “во пет 12“, без никакви предходни најави, критериуми и така натака? Одамна оваа “приказна“ е приватизирана од неколку луѓе во МРТВ. Јас и ако сум од оваа фела предлагам годинава да не учествуваме на“Евровизискиот фестивал“, бидејќи тоа е премногу сериозен проект за толку несериозен пристап. Оваа нашава држава “Евровизија“ ја чини сериозни пари одредени од Владата на РСМ за МРТВ. Значи тоа се пари на граѓаните на Македонија, пари од буџетот на државата. Но да не се разберме погрешно. Јас не сум против Васил, јас сум против овие “ко бајаги“ конкурси и против мачкање очи со нашите пари, вели разочарано Дојчин.

По неговата реакција се јавија и многу други кои му ја дадоа поддршката. Например, музичарот Петар Ренџов (преку ФБ) предлага: “Ако можеме да ги тужиме, доколку е разгледана таа опција. Имаме адвокат за индустриска и авторска сопственост…..злоупотреба e на службената должност…..“ Меѓутоа Ренџов (од поупатени ФБ-следбеници) доби одговор дека “тоа не може затоа што МРТВ ги поседува правата на организација, без разлика што тие правата МРТВ може да ги проследи на некој друг организатор, па ако ги проследи МРТВ сигурно тоа би го наплатила“. А, тоа е веќе некоја сосема друга приказна.

Нема правило дека ќе победи вистинска евровизиска песна – “Се е местенка“!

Да се задржиме на оваа сегашнава приказна што ја имаме. Го имаме како евровизиски пејач Васил Гарванлиев кој еве и јавно го кажува своето големо задоволство поради тоа што МРТВ пак го одбра за македонски претставник.

-Втора година по ред со прекрасен почеток и покана од МРТВ, вели Васил разбирливо воодушевено. Ретко кој добива една, а не три шанси да го реализира својот сон. Во 2019-та застанав гордо позади нашата Тамара, во 2020-та ја посветив на сите вас, но тогаш ковидот рече не! Во оваа 2021-та ја користам мојата животна приказна за да ви го подарам срцето на дланка преку мојот глас.Огромно благодарам до МРТВ која и понатаму верува во мене и ми ја дава одговорноста и можноста да бидам нашиот, македонски преставник годинава на “Евровизија“ во Ротердам. Ќе пеам за сите вас, ама и вие да запеете со мене! Со душа чекам да ги споделам со вас нашите планови како македонски тим за “Евровизија 2021. “.

Сепак од се кажаното, најразочарувачки коментар целата оваа евровизиска приказна ја доби од еден очигледно многу загрижен македонски евровизиски фан (тие се секогаш составен дел на манифестацијата):-Ние и онака сме последно “свирало“ на евровизиската табела додека се доделуваат поените. Одамна нема некое златно правило дека ќе победи вистинска песна, се е местенка! Затоа се прашувам, зошто да учествуваме на “Евровизија“?!

Како и да е, 41 земја веќе се подготвува (со се Австралија) за “Евровизија 2021“ на која ќе има се како што треба: две полуфинални и една финална вечер, закажани за 18-ти, 20-ти и 22-ри мај во арената “Ахој“, во Ротердам. Поради пандемијата ќе има и дури четири можни сценарија за одржување на натпреварот со посебни строги здравствени протоколи што значи дека на малите екрани во тв-преносот нема да ја видиме онаа вообичаена глетка со масовни мавтања на националните знамиња пред камерите, бидејќи нема ни да има толку премногу публика во арената “Ахој“.

Дуле Миќиќ /фото:ФБ-Инстаграм-YT