Вели дека земјава треба да даде гаранција дека нема никаква аспирација за Источна Македонија.  Според него, во поимот Северна Македонија не влегува Источна Македонија. Георгиевски вели дека погледнато од Скопје, Пиринска Македонија секогаш била Источна. Ваквите ставови на екс македонскиот премиер предизвикаат лавина реакции

Поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски со најновиот предлог за решавање на спорот со Бугарија  ја крена јавноста на нозе.  Георгиевски, на Фејсбук го коментираше актуелниот  македонско-бугарски спор, за кој вели дека е влезен во ќорсокак. Тој дава предлог како да се реши спорот и да не се создава омраза меѓу двата народи. 

Вели дека земјава треба да даде гаранција дека нема никаква аспирација за Источна Македонија.  Според него, во поимот Северна Македонија не влегува Источна Македонија. Георгиевски вели дека погледнато од Скопје, Пиринска Македонија секогаш била Источна. Ваквите ставови на екс македонскиот премиер предизвикаат лавина реакции.

Од ВМРО-ДПМНЕ со став дека Заев преку Георгиевски го соопшти планот во кој граѓаните  треба да се откажат  од историјата и јазикот.

-Зоран Заев преку неговиот коалиционен партнер Љубчо Георгиевски го соопшти неговиот практично мастер план за идентитетско обезличување, во кој Македонија и граѓаните треба да откажат од историјата, јазикот и постоењето на континуитет на македонската нација, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, потенцирајќи дека  ВМРО-ДПМНЕ го осудува овој мастер-план за идентитетско обезличување, кој Заев се обидува да го спроведе. 

– За ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо да се согласи Владата дека македонскиот јазик бил всушност  бугарски, дека тој бил јазикот на коресподенција на македонските револуционери. Неприфатливо е да се согласиме според тезата на Заев, пуштена преку Љубчо Георгиевски, дека македонска нација е новосоздадена, рече Арсовски. 

Експресно одговорија од СДСМ: Нашите ставови се различни од изнесените на Георгиевски, за македонскиот идентитет нема преговори

-Нашите ставови се различни од изнесените ставови на господинот Георгиевски. СДСМ останува на своите јасни и веќе кажани ставови околу ова прашање. Остануваме отворени за дијалог за изнаоѓање на решение меѓутоа повторувам уште еднаш македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се тема на разговор. Нити се разговарало, нити во иднина ќе се разговара на оваа тема. Ставовите на господинот Георгиевски се негови лични ставови со кои ние апсолутно немаме никакви допирни точки, соопштија од СДСМ.

За академик Катица Ќулавкова, бившите премиери и министри кои даваат предлози за решавање на македонско-бугарскиот спор се срам и зло. Таа вели дека Георгиевски застанал во одбрана на бугарскиот културен и државен хегемонизам.

„Бившите премиери и министри на Република Македонија, кои даваат предлози за решавање на македонско-бугарскиот спор и притоа го бранат бугарскиот културен и државен хегемонизам, се срам и зло не само за Македонците туку и за целиот цивилизиран свет“, смета  Ќулавкова.  

Петар Богојески од Македонски концепт вели дека е изненаден од тоа како екс-премиерот Љупчо Георгиевски површно зборува и нуди решение за сериозно прашање како што е спорот со Бугарија. 

Вели дека од него очекувал нешто посуштинско. Според него,  коалицијата со СДСМ има влијание врз него и му наметнале „купи ден помини” стил на политика.

-Господин Георгиевски нуди пазарџиски купи-продади метод, а македонскиот идентитет не е на продажба! Георгиевски заборавил на правилото на реципроцитет во односите помеѓу земјите! Ако ние треба да дадеме гаранции дека нема да поддржуваме македонски активности во БГ, тогаш тие треба да дадат гаранции дека нема да поддржуваат бугарски активности во МК! Еднонасочна љубов не е љубов туку опсесија на еден партнер. Тоа Георгиевски сигурно го знае, смета Богојески. 

(В.М.Б.)