Во Чифте-амам: Познатиот филозоф Борис Буден гостува на КРИК

119

Во рамки на годинашното четврто издание на Фестивалот за критичка култура „Крик“, во организација на Контрапункт, на 29 ноември, во Чифте-амам, со почеток во 19:30 часот, предавање на тема „Нација без својства“, ќе одржи познатиот хрватски филозоф Борис Буден.

„Во своето предавање, Буден ќе се осврне на јазикот, за кој генерално се подразбира дека е она што нацијата ја воспоставува како нација – најмногу од кое било друго својство. Некогаш беше препознаен и како медиум кој ја одредува уникатноста на духот на нацијата. Денес, пред сè, ја претставува суштината на културниот идентитет, вид на супер својство кое ги прави можни останатите својства како националната историја, националната култура или, пак, заедничкото чувство на припаѓање. Предавањето ќе се фокусира на процесите на таканаречената ре-вернакуларизација на националните јазици во денешна Европа и далекосежните општествени и политички последици од ваквата растечка тенденција“, стои во најавата каде што се вели и дека предавањето можеби ќе даде одговори на прашањата дали националните јазици денес, во ерата на глобализацијата и дигитализацијата, ги поттикнуваат и искусуваат забрзаните процеси на маргинализација и деградација или што доколку повеќето од нив се во опасност од целосно дигитално истребување.

Предавањето ќе се одржи на хрватски јазик.