Музичко-драмскиот перформанс „Црнила ремикс“ во режија на Јордан Симонов, продукција на Младинскиот културен центар, на 27 мај (21 часот) ќе биде изведен на Могилата на непобедените во Прилеп. Гостувањето е во организација на МТФ „Војдан Чернодрински“, во чест на авторот во фокусот – Коле Чашуле, како најава на 57. издание на фестивалот, кој ќе се реализира од 9 до 16 јуни.

Гостувањето е подарок на театарскиот фестивал за својата публика во Прилеп, вели Ана Стојаноска, директорка на фестивалот.

„Како што го посвети Коле Чашуле името Могила на непобедените така МТФ ‘Војдан Чернодрински’ му го посветува овој настан на нашиот автор во фокусот – Коле Чашуле“, вели Стојаноска.

„Црнила ремикс“ е едно поразлично видување на класичното драмско дело на Коле Чашуле ставено во контекст на урбан хип-хоп албум. Музичко-драмски перформанс со несекојдневен пристап, со специфична актерска изведба, кој низ оригиналниот препев и музика на „Зад аголот“ нè носи во еден нов сублимат помеѓу драмата и хип-хоп супкултурата.

За музиката и препевот во претставата се погрижија Дарко Димитриески и Павле Димковски („Зад аголот“). Улогите ги толкуваат: Стефан Вујисиќ, Александар Михајловски, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска (Емилија Мицевска), Павле Димковски. Сценограф и костимограф е Илина Ангеловска.