Во чест на Аки:Шест македонски радио-станици во исто време ќе го емитуваат последниот сингл на „Парни ваљак“

72

Во чест на Аки Рахимовски денеска во 15 часот, во време кога во Загреб ќе се одвива церемонијата на неговото испраќање, шест македонски радио станици во исто време ќе го емитуваат последниот сингл на „Парни ваљак“ – „Поново“.

„Поново“ е последната песна на Аки Рахимовски и кај нас ексклузивно ќе се емитува во 15 часот на националното радио Метрополис Радио Мрежа, на радио Бубамара, Скај радио, Супер радио од Охрид, како и на две интернет-радио станици – Анторис радио и радио Мост.

Croatia Records и „Парни ваљак“ во спомен на Аки ја покренаа иницијативата преку која, на посебен начин, се простуваат од неповторливиот пејач. Повеќе од 150 регионални радио-станици во исто време ќе го емитуваат синглот и на тој начин ќе испратат последен поздрав до музичкиот великан.

Синглот „Поново“, авторско дело на Хусеин Хасанефендиќ Хус, требаше да претставува најава за новиот албум на Парни ваљак, и за нивната скорешна голема турнеја…

– Најзначајниот рок бенд на нашите простори со песната „Поново“ се збогува со човекот чиј живот беше музиката, кој со својата неуништлива енергија стана синоним за врвен фронтмен и пример за генерации. Аки наеднаш не напушти, но неговиот дух и глас ќе останат засекогаш впишани во сите нас кои пораснавме со „Парни ваљак“, се заљубивме, се смеевме и плачевме, се вели во заедничкото соопштение на Кроација рекордс и на „Парни ваљак“.

Вчера, на Градскиот плоштад во Скопје, пред „Пелистер“, на Аки му беше оддадена почит со отворање Книга на жалост, пуштање песни од Парни ваљак, положување цвеќе и палење свеќи.

Аки Рахимовски преку четири децении беше пејач на „Парни ваљак“. Почина на 22 јануари 2022 година. Зад себе остави хитови со кои раснеа и се уште растат многу генерации.