Во Црквата „Св. Софија“: Концерт на дуата Бадивуку- Кастратовиќ и Корчинска – Кожушко

144

Во Црквата „Св. Софија“, во рамките на Охридско лето, утревечер (27 јули), со почеток од 21 часот ќе настапат Сихана Бадивуку-Хоџа, на виолина и Маја Кастратовиќ, на пијано.

„Виолинистката Бадивуку-Хоџа се смета за една од најпрефинетите музички уметници од средна генерација. Одржува концерти во повеќе европски држави. Од 2000 е концерт-мајстор на Косовската филхармонија, од 2011 на Албанската филхармонија, од 2008 е професор на Државниот универзитет во Тетово. Соработката со Маја Кастратовиќ датира 1994 па сè до денес. Како концертна пијанистка Кастратовиќ настапувала со оркестарот на Македонската филхармонија, а остварува и бројни солистички и камерни настапи на домашната сцена, но и надвор од неа. Од 2001 живее и предава пијано и корепетиција во Словењ Градец и Словенске Коњице во Словенија“, стои во најавата за концертот.

В недела, пак, (28 јули) исто така во Црквата „Св. Софија“, со почеток од 21 часот, ќе се одржи концерт на украинска вечер со Божена Корчинска и Богдан Кожушко.

„Дуото Корчинска – Кожушко ќе изведат несекојдневна програма насловена како: ‘Разновидна екстраваганција во музичката кошница’. Тие се редок инструментален состав – украинската надолжна флејта и хармоника. Страсниот ентузијазам на музичарите за малку познатите ремек-дела од жанрот на музичките минијатури, виртуозната музика за флејта и свежиот звук на барокните хитови на хармониката ќе ги предизвика сетилата на слушателите пред сѐ поради спецификите на инструментите и изборот на програмата која хармонично ги обединува во себе делата на древните епохи и музиката на 20 век“, додаваат од Охридско лето.