Во финална фаза изградбата на водоводот во Бутел

62

Во финална фаза е изградбата на водоводот во Општина Бутел долг седум километри и вреден 1,6 милиони евра, а со силна динамика се реализира и канализациската мрежа од која еден крак е веќе завршен. Почнува изградбата на патот од село Бутел до село Љуботен, долг шест километри, проект за кој Владата издвои повеќе од 11 милиони денари, а Општината 12 милиони денари, ќе се градат полициска и противпожарна станица, а почнува и гасификацијата, најавија денеска премиерот Оливер Спасовски, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и градоначалникот Велимир Смилевски.

Како што истакнаа по увидот во градежните активности, во Бутел се градат и социјални згради со вкупно 312 станови за граѓани во социјален ризик, но се спроведуваат и работите на авотпатот граничен премин Блаце – Скопје кој е исклучително битен за индустриската зона Визбегово.

– Изградбата на канализациската мрежа тече со засилено темпо, па можно е проектот да заврши порано. Се работеше во две фази, водоводна мрежа долга седум килмотери која наскоро ќе биде пуштена во употрба, а во тек се 5,2 километра канализациска мрежа. Почнува изградбата на патот од село Бутел до село Љуботен долг шест километри, проект за кој Владата издвои повеќе од 11 милиони денари, а Општината 12 милиони денари. Последната реконструкција на патот е направена во 1991 година со самопридонес на жителите од село Љуботен. Поради лоша инфраструктура земјоделците имаа тешкотии во производството и пласманот. Со патот ќе се опслужат 5.000 жители. Се гради и на други патни правци во општината, во завршна фаза се многу проекти. Се градат и социјални згради, 312 стана за граѓани во социјален ризик. Предвидена е и гасификација на Бутел 1 и 2, како и изградба на полициска и противпожарна станица. Бутел пред еден месец доби и нов модерен булевар, а во завршна фаза е уште еден, изјави премиерот Спасовски.

Министерот Сугарески дополни дека градежните работи на канализациската мрежа во Визбегово ќе завршат многу пред предвидениот рок и додаде дека околу 690.000 евра се планирани за локални патишта и улици во Бутел, како и дека за неполна година целосно ќе се смени сликата на Општината.

Градоначалникот Смилевски потсети дека покрај бројните проекти, во Бутел е предвидена изградба и на поликлиника. Тој очекува за време на неговиот мандат да завршат сите инфраструктурни проекти.