Во Украина убиен злогласниот руски платеник што се фалеше со череп од бранителите на Азовстал

234

Злогласниот капетан на руската армија и платеник Игор Мангушев почина во болница, неколку дена откако во Украина беше застрелан во главата од непосредна близина, објавија неговите пријатели, а пренесе Би-би-си.

Сопругата на Мангушев, Татјана, го опиша неговото убиство како егзекуција.

Тој командуваше со единица против дронови во окупираниот Луганск и беше еден од основачите на платеничка група која се бореше против украинските сили во 2014 година.

Минатото лето тој „се прослави“ со тоа што излезе на сцената држејќи череп, а видеото од настанот стана вирално на социјалните мрежи. Во видеото Мангушев вели дека черепот му припаѓал на украински борец кој загинал бранејќи ја фабриката за челик Азовстал во јужното пристаниште Мариупол.

Мангушев, како екстремен националист, тврдеше дека Русија не војува со луѓето, туку со идејата за Украина како „антируска држава“ и дека не е важно колку Украинци загинале. Заедно со другите водачи на неонацистичката група, тој ја основа приватната платеничка група Јенот (ракун), која стана дел од Народната армија.

Подоцна се дозна дека како политички стратег соработувал со најозлогласениот руски платеник Евгениј Пригожин. Неговото убиство предизвика шпекулации за напад на контролен пункт во окупираниот украински град Кадиивка, кој е оддалечен од линијата на фронтот.

Според руските извештаи, Мангушев бил застрелан од непосредна близина, со куршум испукан под агол од 45 степени. Руските власти го истражуваат убиството и се уште не кажале ништо за околностите. Наводно, куршумот го погодил во мозокот. Пред да почине, беа објавени фотографии на кои се гледа како лежи во болнички кревет.

Друг екстремен руски националист, Павел Губарев, рече дека сите знаат кој стои зад убиството и истакна дека Пригожин „замолкнал“. Војната во Украина ослободи темниот свет на екстремистите во Русија и предизвика ривалство меѓу нив.

По нападот, рускиот експерт Марк Галеоти рече дека тоа покажува дека Русија се лизга назад кон аспектите од 1990-тите, „кога убиството беше деловна тактика и линиите меѓу политиката, бизнисот, криминалот и војната станаа речиси бесмислени“.