ВО ТЕК Е ОГЛАС ЗА ИЗРАБОТKA НА КАРТА НА БУЧАВА: Во Скопје ќе се мери бучавоста на авионите, возилата и фабриките

329

 Изработката на стратегиска карта на бучава на Град Скопје, која ќе чини околу 83 илјади евра, ќе мора да ја опфати бучавата што ја емитираат патниот и железничкиот сообраќај, бучавата што ја прават авионите, како и индустриски локации или инсталации кои се обврзани да обезбедат интегрирани еколошки дозволи или решенија за одобрување на еколошки елаборати, потенцираат од Град Скопје

Ќе се изработува карта на бучава за Скопје заедно со акциски план. Јавниот повик распишан од Град Скопје за избор на фирма којашто ќе ја изработи картата е во тек и компаниите своите понуди ќе може да ги достават најдоцна до 4 април. Од Градот велат дека картата за бучава ќе биде темелна.

– Во моментов трае јавната набавка за изработка на Стратегиска карта на бучава на Град Скопје и акционен план за бучава. Станува збор за изработка на стратегиска карта која претставува темелна карта за бучава со сеопфатна проценка за опфатноста на бучавата и изложеноста на населението од различни извори, псоочуваат од Градот.
Оттаму, пак, појаснуваат дека станува збор за продолжување на активностите и анализите на состојбите со бучавата кои Секторот за заштита на животната средина на Град Скопје ги врши, додека со акциониот план треба да се дадат план за управување со проблемите и ефектите предизвикани од бучавата, вклучувајќи и активности за намалување на бучавата.

– Град Скопје во континуитет работи на подобрување на ова поле, во рамки на надлежностите кои ги има на овој план (има поделени надлежнсоти со државен инспекторат, општинските инспекциски служби…). Стратегиска карта на бучава на Град Скопје со оваа јавна набавка ќе мора да ја опфати бучавата што ја емитираат патниот и железничкиот сообраќај, бучавата од авионите, како и индустриски локации или инсталации кои се обврзани да обезбедат интегрирани еколошки дозволи или решенија за одобрување на еколошки елаборати, потенцираат од Град Скопје.

Вредноста на договорот за изработка на стратегиска карта на бучава и акциски план е проценета на пет милиони денари, односно околу 83 илјади евра. Најниската цена ќе биде пресудна во изборот на фирмата која ќе ја изработи картата.