Во текот на ноќта се распадна фамозното трио

1029
epa10273225 Paris Saint Germain's Neymar Jr (L) and Paris Saint Germain's Kylian Mbappe (R) warm up prior to the French Ligue 1 soccer match between PSG and Troyes, in Paris, France, 29 October 2022. EPA-EFE/YOAN VALAT

Триото кое требаше да биде најубиствено во фудбалската историја  траеше само две години. Лионел Меси, Килијан Мбапе и Неимар веќе нема да ги гледаме заедно во дресот на старо-новиот шампион на Франција, тимот на ПСЖ.

Последните случувања се најдобар пример за тоа каква недисциплина владее на „Паркот на принцовите“ и дека во клубот не постои авторитет.

Мбапе беше избран за најдобар играч во Лига 1 од Асоцијацијата на професионални фудбалери во Франција. Откако ја доби наградата новинарите ги интересираше само еден одговор.

Бомбардерот на популарните „светци“ веднаш беше прашан за кој тим ќе игра во новата клупска сезона, а фантастичниот Мбапе како од пушка одговори дека ќе остане во редовите на ПСЖ.

  • Нели доволно се збореше за мојата иднина во актуелната сезона? Среќен сум во Париз и среќен сум со одлуката која ја донесов пред една година. И следната сезона ќе бидам дел од ПСЖ, изјави Мбапе.

И додека репрезентативецот на Франција ставаше крај на сите дилеми околу неговата иднина, голем скандал направи неговиот тимски колега Неимар. Бразилецот не беше во комбинација за последниот првенствен дуел против Стразбур и не беше дел од прославата на 11. титула во клупската историја.

Неимар не можеше да биде дел од прославата, но можеше да биде дел од гламурозната трка во Формула 1 која се одржа во Монте Карло.

Клубот потврди дека Неимар има проблем со одењето, дека тешко се движи, но така не беше на улиците од Монте Карло каде што Бразилецот беше снимен како ужива покрај своите пријатели.

ПСЖ на таквата ситуација гледа како на голема провокација и затоа клупските челници се обидуваат на секаков можен начин да се ослободат од неговите услуги.

Од трета страна, Лионел Меси, веќе со недели функционира како поранешен фудбалер на ПСЖ. За време на прославата на ПСЖ, Аргентинецот беше снимен како ужива на еден концерт во Барселона.

На месечно ниво тројцата имаат плата не помала од 10 мил. евра, но и покрај вложените средства ПСЖ повторно не ја исполни зацртаната цел, освојување на трофејот во Лигата на шампиони.