Неодамна во Србија беше дијагностициран првиот случај на мултилокуларен ехинокок, паразит кој се пренесува од лисици на луѓе. Случајот го дијагностицирал професорот на Катедрата за ембриологија на Медицинскиот факултет во Нови Сад, д-р Душан Лалошевиќ.

На Клиниката за абдоминална и ендокрина хирургија на Клиничкиот центар на Универзитетот во Војводина успешно е оперирана 67-годишна пациентка со овој паразит.

Во телевизиска емисија професорот д-р Душан Лалошевиќ и д-р Славица Марис открија за каква болест се работи.

„Тоа е мултилокуларен ехинокок. Овој лисички ехинокок е новорегистрирана зооноза во Србија. Лисиците го пренесуваат овој паразит со директен, но почесто со индиректен контакт. Многу луѓе во селата имаат градини надвор од населбата и таму е можен контакт со лисиците. Лисицата исфрла јајца во изметот и таа почва е контаминирана, па што и да е засадено на таа почва може да биде извор на инфекција за луѓето. Болеста е позната во Северна Европа и Русија, а ова е прв случај кај нас – изјави доктор Лалошевиќ.

Лекарот открил какви симптоми се појавиле кај пациентката.

„Имаше стомачни болки и се пријави на операција во Клиничкиот центар во Војводина, каде беше оперирана. Отстранет е дел од црниот дроб со патолошка промена и поставивме дијагноза мултилокуларна ехинокока. Првиот случај во Хрватска беше во 2020 година кај маж, така што овој момент го очекувавме и кај нас“, рече тој.

Прогресија на болеста – расте како малигнен тумор, вели докторот.

„Се инфилтрира во ткивото и може да метастазира во други органи, но црниот дроб е најпогоден. Оваа пациентка ќе мора долго да зема лекарства, иако е успешно оперирана“, додаде д-р Лалошевиќ.

Според него, лисичкиот парзитис не создава цисти, туку создава ткиво слично на тумор и потоа во центарот на тоа ткиво се распаѓа, поради што се појавува шуплина која личи на циста, но не е вистинска циста, туку паразитното ткиво сраснува во здравото човечко ткиво. Превенцијата, вели, е многу едноставна, како и кај обичниот ехинокок – хигиената е најважна.

Д-р Лалошевиќ нагласува дека паразитот предизвикан од лисиците бил во телото на жената која била оперирана во Војводина повеќе од три години.

„Иако овој паразит може да биде опасен за луѓето, животните не чувствуваат никакви промени и можат да живеат со него. Освен лисиците, овој вид паразит го шират и шакалите. Дивите животни обично се без никаква контрола, а ловците треба да бидат особено внимателни“, предупредува докторот.