Во Србија во сабота протести и блокада на патиштата во 30 градови

53

Во сабота во 14 часот ќе се организираат еколошки протести и блокади на патиштата во најмалку 30 градови и населени места низ Србија, изјави еден од организаторите на овие протести Марко Ољача, кој за ФоНет кажа дека конечниот список ќе биде утврден во петок или сабота наутро, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што прецизираше, активистите потврдија дека протести и блокади ќе организираат во Нови Пазар, Нова Варош, Кикинда, Нови Сад, Пожега, Ниш, Белград, Велико Градиште, Лозница, Смедерево, Ужице, Пријепоље, Пожаревац, Сремска Митровица, Топлица, Бољевац, Ваљево, Горњи Милановац, Јагодина, Лазаревац, Костолац, Лесковац, Суботица, Краљево, Шабац, Кула и Крагуевац.

Ољача додаде дека е предвидена блокада на Зрењанинскиот пат и на Ибарска магистрала и дека организаторите најавиле мирен протест, со апел до полицијата за време на блокадата „да го зачува јавниот ред и да спречи инциденти“, како што беше за време на блокадата во Шабац, кога „полицијата не интервенираше“.

Според него, учесниците на протестот во сабота ќе имаат на располагање број за правна помош, бидејќи досега се пријавиле 15 адвокатски канцеларии низ Србија, подготвени да ги понудат своите услуги.

Синоќа претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека полицијата нема да реагира на протестите закажани за в сабота и дека ќе ги остави учесниците да прават што сакаат, се додека не ги загрозуваат животите и имотот на граѓаните и институциите.

Министерството за внатрешни работи (МВП) денеска поради закажаните блокади излезе со соопштение во кое ги повикува луѓето да се јават во полиција во случај да бидат спречени во движењето кон саканата локација.

Министерот за полиција Александар Вулин, пред ова соопштение, најави дека полицијата доколку има потреба ќе употреби сила врз граѓаните.