Во Сплит апартманите за туристи се нудат на потстанари по намалени цени

Во Сплит каде што има многу апартмани кои се издаваат, годинава сè поголем е бројот на оние сопственици кои почнаа да креваат раце од сезоната и да им ги нудат становите на потстанари. Но, изнајмувањето станови на потстанари е послабо за околу 30 проценти во однос на минатата година, а висината на наемот е намалена за 15 до 20 отсто

78

Откако Сплит доживеа туристички бум, потрагата по соодветен стан под кирија со поднослива цена стана вистинска лотарија. Секој што имал некаква шупа во градот под Марјан се фрли на туризам. Довчерашните гаражи огласувани се како мали, слатки апартмани во кои може да се сместат до четири лица. Откако светот, а и Сплит, го погоди корона, ситуацијата се промени, пишува Пословни.

Ивица Рошчиќ, сопственик на сплитската агенција „Анастазија” за продажба и изнајмување недвижности, ја опишува моменталната состојба во Сплит.

– Сега има многу наеми, но нема странки. Можете ли да верувате?! Луѓето уште калкулираат и се обидуваат да проценат дали ќе ја фатат сезоната или не. Само пресметката работи…, вели Рошчиќ.

Тој додава дека меѓу изнајмувачите завладеала паника, па сè е поголем бројот на оние кои почнале да креваат раце од сезоната и им ги нудат становите на потстанари.

– Сè ќе зависи од тоа како ќе се одвива ситуацијата со короната. Се трудиме, се бориме, но работата дефинитивно падна, вели Рошчиќ.

Признава дека изнајмувањето станови на потстанари е послабо за околу 30 проценти во однос на минатата година. Се урнаа, вели и изнајмувањата и продажбата.

– Се намали и висината на наемот за 15-20 отсто. Но, секогаш велам дека сето тоа заедно не е реално. Цените уште треба да се коригираат, бидејќи има толку апартмани, што тоа не е нормално. Па човеку, секоја баба на Брда им изнајмува на туристи. Што да зборуваме понатаму, вели сопственикот на сплитската агенција.