Во сметките за струја три дена двапати се наплатувале – и во јули и во август

Организација на потрошувачи на Македонија укажува дека граѓаните реагираат на фактурите за електрична енергија поради двојна пресметка на деновите опфатени во две последователни фактури, каде што во наредната се јавуваат повторно истите денови за кои претходно е фактурирано. Така, на пример, добиваат едната фактура е за период од 25.6.2022 до 29.7.2022 година, а другата фактура е за период од 26.7.2022 до 29.8.2022 година

7279

Граѓаните деновиве постојано се јавуваат и реагираат до Организацијата на потрошувачи на Македонија на фактурите за електрична енергија поради двојна пресметка на деновите опфатени во две последователни фактури. Така, на пример, добиваат една фактура за период од 25.6.2022 до 29.7.2022 година, а другата фактура му е за период од 26.7.2022 до 29.8.2022 година. Од ОПМ велат дека во зависност од случај до случај станува збор за три дена кои се наплатувани и во фактурата за јули и во фактурата за август.

ОПМ укажува дека граѓаните реагираат на фактурите за електрична енергија поради двојна пресметка на деновите опфатени во две последователни фактури каде што во наредната се јавуваат повторно истите денови за кои претходно е фактурирано. Иако ЕВН објаснува дека граѓаните треба да го гледаат пресметковниот период на втората страна од фактурата во делот на детални информации од Организацијата напомнуваат дека пресметковниот период треба да е идентичен, односно да не се доведуваат во заблуда со различно претставени пресметковни периоди во една фактура.

-Голем дел од реакциите на граѓаните во врска со сметките за струја се однесуваат токму на пресметковниот период. Тие забележале дека тие два-три дена кои се поклопуваат во фактурата за јули и за август двапати им се наплаќаат. Кога ќе се споредат фактурите за јули и август се гледа дека тие три дена се повторуваат и во двете сметки, изјави за весникот ВЕЧЕР претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија, Маријана Лончар-Велкова.

Во зависност од висината на сметката за сметка таа сума може да биде од 300 до 1.000 денари. Така на пример за сметка од 3.000 денари тоа е 300 денари, за сметка од 4.000 денари граѓаните плаќаат 400 денари повеќе… Од ОПМ се надеваат дека ЕВН ова ќе го исправи уште во наредните фактури.

Друг проблем на кој реагираат граѓаните е сумата во фактурите која е повисока од реално потрошените киловат-часови за претходните 30 дена.

Од ОПМ велат дека дел од претставките и реакциите од граѓаните се однесуваат на различни киловати потрошена електрична енергија на фактурите и на броилата. Броилата не се читаат редовно, поради тоа граѓаните сами треба да ја следат состојбата на потрошувачката на струја и ако утврдат грешка, да бараат од ЕВН да им ги коригира сметките.

-Потрошувачите треба да знаат дека плаќаат само за она што го потрошиле. Регулаторната комисија за енергетика не ги признава кражбите на електрична енергија во крајната цена што ја одредува и тие се на товар директно на Електродистрибуција. Доколку некој потрошувач има добиено сметка која има отстапување од реалната состојба, може самостојно да го отчита броилото и да ја пријави состојбата, по што ЕВН е должен веднаш да издаде нова коригирана сметка со реална состојба, изјави претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимоски.

Доколку ЕВН Хоме не изврши коригирање на сметката во согласност со податоците за состојбата на броилата отчитани од корисниците, потрошувачите можат да достават приговор до Регулаторната комисија за енергетика.

(А.С.)

ЕВН – граѓаните да ја читаат задната страна на сметките на која е напишан точниот датум за пресметаната потрошувачка на струја