Во Скопје 70.000 станови се под хипотека

Според податоците од Регистарот на цени и закупнини по Скопје, град со најмногу станови под хипотека е Неготино. Од вкупно запишаните околу 13.000 станови, во второто тримесечје хипотека е ставена на близу 2,5 илјади, или на 18,61 процент од станбениот фонд во општината. Следува Гевгелија со 16,58 проценти, па Кавадарци со 14,65 проценти станови под хипотека.

131

Речиси 70 илјади станови во Скопје се ставени под хипотека до средината на годинава. Главниот град со 21,67 проценти заложени станови далеку предничи пред другите.

Во Регистарот на цени закупнини што го води катастарот во второто тримесечје е запишан станбен фонд во државата од 1.095.579 станбени единици, а 140.571 од нив, или 12,83 проценти се ставени под хипотека. Ова е незначително зголемување во однос на претходниот квартал кога под хипотека биле 12,66 проценти од становите.

Очигледно, корона кризата ги направила граѓаните попретпазливи во инвестирањето, па биле воздржани при задолжување кај банките со заложување имот. Во прилог на ова оди и податокот дека од март годинава кога се појавија првите знаци на економската криза предизвикана од здравствената, значително е намалено купувањето новоизградени станови, кое најчесто се реализира со хипотекарен кредит. Во вториот квартал се продадени само нешто над 600 нови станови, а во понудата има уште десет пати повеќе готови, а непродадени и околу 13.000 кои се градат и наскоро ќе излезат на пазарот на недвижности.

Според податоците од Регистарот, по Скопје, град со најмногу станови под хипотека е Неготино. Од вкупно запишаните околу 13.000 станови, во второто тримесечје хипотека е ставена на близу 2,5 илјади, или на 18,61 процент од станбениот фонд во општината. Следи Гевгелија со 16,58 проценти, па Кавадарци со 14,65 проценти станови под хипотека.

Хипотека на над 10 проценти од станбениот фонд е ставена уште во Битола (13,19%), Штип (12,86%), Кочани (12,58%), Струмица (11,91%), Велес (10,35%) и Охрид (10,01%).

Традиционално, најмалку станови под хипотека има во Крива Паланка, без малку три проценти, Македонски Брод – 1,71 процент и Кратово – 1,34 отсто.

Регистарот на цени и закупнини уште евидентира и дека во првиот квартал од годинава на лицитација биле продадени 20 станови, а во вториот квартал уште осум.

Во катастарот исто така се води и Регистарот на преземен имот наменет за продажба, а според податоците од него, во јуни 20-те продадени станови биле само дел од вкупно 91 кои биле преземени од сопствениците и ставени на продажба. Од нив дури 64 биле во Скопје, од кои 28 во Ѓорче Петров, 15 во Центар, девет во Радишани, четири во Визбегово, по два во Бутел и во Сингелиќ, а има и во другите населби.

Становите и другиот имот одземен од граѓаните го продаваат банките поради невратен кредит или е одземен со пресуда во судски процеси што ги водела државата.

(С.В.)