Во Скопје се уште на сила мерките – ложењето на дрва и возилата најголеми загадувачи

46

Во Скопје и Струмица се уште се на сила мерките за загаден воздух што стапија на сила од саботата откако два дена по ред за надминување на прагот на алармирање од 150 мг/м3 за суспендирани честички со големина до 10 микрометри во Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица, а од завчера и во Гостивар.

Откако денеска воздухот беше расчистен во Гостивар, Кичево и Кавадарци мерките и препораките беа укинати.

Министерот за животна средина, Насер Нуредини, проблемот со загадениот воздух го лоцира кај домаќинствата кои се затоплуваат со дрва и пелети, но и на возилата.

– Направено е истражување кое покажува дека најголемото загадување доаѓа од биомасата, 35-45 проценти, потоа од возилата, трето од градежништвото, па од индустријата, што покажува дека загадувањето од тој извор е намалено. Но, тоа не значи дека нема да продолжиме со инспекции. Во исто време сакам да кажам дека кога ние зборуваме за загадување од биомаса тука не се само домови, туку и државни објекти кои се греат на мазут или нафта. Заради тоа во Владата креиравме стратегија да направиме измени на греење во училишта, градинки, полициски станици, болници итн. Сега слушнавме дека ќе има и програма за субвенција од Министерството за економија за соларни панели за греење и други вакви мерки – појасни Нуредини.

Тој нагласи дека Министерството набавило нов сервер за собирање податоци од мерните станици за загадувањето на воздухот и дека деновиве се врши пренос на податоци од стариот на новиот сервер, посочувајќи дека сите податоци се зачувани и оти постојано ги имаат податоците од сите 21 мерна станица кои функционираат.

Осврнувајќи се на критиките за буџетот за МЖСПП за наредна година, Нуредини рече дека до пред да стане министер во тоа Министерството, буџетот изнесувал 350.000- 450.000 милиони денари, а сега достигнува до милијарда денари, но посочи дека тоа е е доволно и оти поради тоа Министерството зема заеми.

(С.Бл.)