Од неформалната група скопски ентузијасти велосипедисти На Точак, оформена преку социјалните мрежи реагираат дека семафорите не се програмирани за пешаци и велосипедисти, туку само да овозможи поголем проток на возила.

-Како се чувствувате кога на 59 степени вжештен асфалт треба да чекате по неколку минути за да поминете улица? Како се чувствувате кога на 59 степени вжештен асфалт, како пешак треба да чекате еден семафор за да поминете само половина од булеварот, а потоа да чекате уште еден семафор за да ја поминете и втората половина?, прашуваат од На Точак.

Од таму додаваат дека во Скопје семафорите не се неутрална технологија која ја регулира безбедноста, туку  семафорите се програмираат да одговараат на еден начин на превоз или друг, со други зборови – се пристрасни.
-Во некои градови семафорите се специјално програмирани за да дадат приоритет на јавниот превоз кој се движи во засебни ленти, во други на велосипедскиот.
Во Скопје, најголеми права имаш ако си автомобил. Системот е така програмиран за да овозможи поголем проток на возила без воопшто да ги земе предвид пешаците и велосипедите. Да, времето потребно за еден пешак со поспора брзина (повозрасен човек, лице со пречки во движењето) да премине не е воопшто параметар во системот, потенцираат од На Точак.

Од таму додаваат дека никогаш не е забележано дека црвеното светло некогаш се пали пред време, но и дека не се синхронизирани преминот на едната со другата половина на булеварот или дека „ви поминува животот“ ако сакате дијагонално да преминете крстосница на два булевари?

-Еве конкретно на преминот во близина на Буњаковец измеривме дека се потребни цели три минути (со вклучено чекање) да се преминат три+три ленти на булеварот „Партизански одреди“. Времетраењето на зеленото светло за преминување е сведено на минимум, а на црвеното за чекање на максимум, потенцираат од На Точак.

Тие нагласуваат дека тоа е особено недостоинствено во топлотниов бран.

-Пешаците, кои се најранливи, најизложени на атмосферски влијанија, мора да чекаат на асфалт жежок 59 степени за да преминат улица. Граѓаните на овој град кога се без оклопи се граѓани од втор ред! Што мислите, ова поттикнува или обесхрабрува пешачење? Кон што се стремиме? – ги прашуваат надлежните од На Точак.

Од Градот до затворањето на весникот не добивме одговор дали се сложуваат со забелешките од На Точак и дали ќе преземат нешто во однос на тоа.

(А.П.)