Во Скопје првото новороденче се роди веднаш по полноќ, многу општини првиот жител ќе го чекаат со денови

177

Во Скопје и во другите поголеми градови во Македонија по Нова година се родија првите бебиња. Новороденчињата и нивните мајки беа посетени од градоначалниците кои традиционално им подарија пригодни подароци и по некој вредносен чек.

Така, во првата минута од 2019 година мајката Александра Ангеловска од Скопје на свет го донесе малиот Ведран. На посета му беа министерот за здравство Венко Филипче, министерката за труд и социјалната политика, Мила Царовска, како и градоначалниците на Скопје и Гази Баба, Петре Шилегов и Борис Георгиевски. И во гинеколошка болница “Мајка Тереза” во Чаир првото родено бебе е машко, се роди на спонтан начин само една минута по полноќ.

Машко е и првото бебе родено во Велес. Тоа се роди на втори јануари во 10 часот и 16 минути. Мајката Сибил Кариманова и новороденчето ги посети градоначалникот Аце Коцевски и им додели 12.000 денари.

Првото бебе во Кавадарци е женско, на свет го донесе Цветанка Димкова која доби подароци од градоначалникот Митко Јанчев. Само 5 минути по полноќ на први јануари во градската болница во Прилеп на свет дојде Ива Кедиоска, втора рожба на мајката Андријана. Градоначалникот Илија Јованоски ја посети мајката и бебето и од името на Општина Прилеп им врачи штедна книшка за 15.000 денари.

Во Одделението за гинекологија и акушерство во Клиничка болница-Битола, во првиот ден од новата година регистрирани се три новороденчиња, а првото бебе е машко родено од Александра Максимовска. Градоначалничката Петровска ги посети и им подари симболични подароци и на трите мајки. Второто бебе родено во битолската болница е од Кичево, а третото од Битола.

Првороденото бебе во Куманово се роди 10 минути по полноќ, се вика Стефан, а на свет го донесе мајката Маја Ангеловска. Бебето и мајката добија подароци и од менаџментот на општата болница. Како и во повеќето градови во Македонија, така и во Охрид првото новороденче во новата 2019 година е машко.

Но, секаде низ Републиката не се раѓа првото новороденче веднаш по Нова година или пак, на први јануари. Во некои општини првото новороденче се раѓа неколку недели, па дури и месеци по Новата година. Податоците од Државниот завод за статистика, но и од општите градски болници низ државава покажуваат дека наталитетот од година во година опаѓа. Според Статистика, во 2017 година родени се вкупно 21.946 деца, од кои 21.754 живородени и 192 мртвородени деца. Бројот на живородените деца во 2017 година, во споредба со 2016 година, е намален за 5,4 проценти.

Од велешката болница велат дека во 208 година се родиле 505 бебиња.

– До пред десетина години кога се раѓаа и по илјада и повеќе. Ова е половина од тој број, што значи дека наталитетот опаѓа, велат од велешката болница. Во оваа болница, освен од Велес и Велешко се породуваат и жени од Свети Николе, Неготино, Лозово и други соседни општини.

Директорот на општа болница во Кавадарци, доктор Диме Коцев информира дека изминатата година во болницата се извршени 400 породувања. Во Битола бројот на раѓања, минатата година е намален и изнесува 1.250, а предмината 1.380 што се должи и на иселувањето и одлуката на мајките да се пораѓаат во други здравствени установи. Инаку, во многу градови нема родилишта и трудниците одат до соседниот град или дури и подалеку за да се породат. Така, жените од Крива Паланка се пораѓаат во Куманово или во Скопје. Трудниците од Дојран се пораѓаат во Гевгелија, оние од Делчево одат во Кочани, од Крушево во Прилеп или Битола.

(С.Бл.)