Во Скопје по 20 пат “Виенски бал“: На “Убавиот син Дунав“ уживаше и Зоран Заев!

205

-Дозволете ми да го искажам моето и задоволството на мојата сопруга што сме вечерва тука заедно со вас, рече премиерот Заев во обраќањето пред присутните, вчера вечер при отварањето на 20-то јубилејно издание на “Виенскиот бал“ во Скопје кој традиционално се оддржува во скопскиот хотел “Александар Палас“.

Поканата од Амбасадорката Коблер да присуствувам на “Виенскиот бал“ ја прифатив без двоумење поради неколку причини. Прво го покажува воспоставеното, искрено пријателство помеѓу Република Австрија и Република Северна Македонија. Понатаму, оваа манифестација, којашто е создадена како реплика на светски познатиот бал во Виена, Опера Бал годинава го одбележува својот 20-ти јубилеј.

Но пред се, ме мотивираше хуманиот карактер на манифестацијата. Особено ме радува фактот што со дел од средствата собрани вечерва ќе биде обезбедена и адаптирана спортска опрема за возење велосипед, а којашто потоа ќе му биде доделена на Здружението на лица со параплегија и квадриплегија, „Без ограничувања“.

Знам дека и лицата со попреченост можат да спортуваат. Јас лично познавам такви луѓе. Разликата е што ним им треба само поголема поддршка. Затоа јас лично би сакал да ви се заблагодарам на сите, бидејќи вашето присуство овде вечерва ќе придонесе кон подобри можности за овие наши сограѓани, кажа премиерот а, потоа гламурозната балска програма започна со познатите звуци изведени од триесетина професионални музичари од оркестарот “Јохан Штраус“кои целата вечер беспрекорно музицираа под диригентското водство на Бисера Чадловска.

Танчарите на танчарскиот клуб “Прима данца“како и секоја година и оваа, со леснотија на подиумот изведуваа атрактивни точки.Хитовите и евергрините од познатите музички имиња беа изведени со поинаков покомплексен призвук со урбана димензија, а истите предизвикуваа восхит кај сите присутни во салата на хотелот.

Водител- модератор за прв пат беше атрактивната Вера Мештеровиќ која со својот вроден талент за водителство, но која и со својата природна убавина беше вистинско освежување оваа година во тој дел од програмата.

Балот беше и во служба на хуманоста а, на самиот бал беше изложена и продадена во хуманитарни цели уметничка слика, дело на врвниот сликарски мајстор Д-р Драган Спасески Охридски.

Купувач е докажан хуманист и љубител на уметноста. Впрочем оваа културно-музичка манифестација ја потврдува македонско-австриска соработка и на полето на културата и уметноста, но и се одбележуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Република Австрија и Република Северна Македонија…..

Д.М.