Во „Св. Софија“: Концерт на „Терем“ квартет на Охридско лето

125

Во Црквата „Св. Софија“, во рамките на Охридско лето, утревечер (22 јули), со почеток од 21 часот ќе настапи „Терем“ квартет во состав Андреј Константинов-сопран домбра и Андреј Смирнов – бајан/хармоника – двајцата Национални уметници на Русија, како и Алексеј Барсчев, алт домбра и Владимир Кудрјавчев, на контрабас.

„Основан во 1986 од страна на студенти од фолклорно-инструменталниот оддел на државниот конзерваториум ‘Николај Римски-Корсаков’ во Санкт Петербург, квартетот ‘Терем’ низ годините станува еден вид симбол на градот и амбасадор на Руската култура во светот. Според руската новинарска фела- Квартетот ‘Терем’ заедно со музејот ‘Ермитаж’, театарот ‘Марински’ и Рускиот музеј се главни претставници на културниот живот на Санкт Петербург. ‘Терем’ е своевиден руски феномен, уникатен ансамбл кој руската фолклорна музика ја издигнува до за неа непознати висини. Неверојатната виртуозност, исклучителна техничка подготвеност, неприкосновен стил на интерпретација и оригинални аранжмани го прават овој квартет единствен од ваков вид во Русија. Репертоарот се состои од повеќе од 500 композиции, оригинални транскрипции, парадоксални фантазии инспирирани од популарни теми од класичната и современа музика, како и фолклор, џез и музика од филм…“, стои во најавата за концертот.