Едно лице од САД почина од тешка болест на дишните патишта предизвикана од пушење на е-цигари, јавуваат здравствени служби од земјата. Експертите ја истражуваат мистериозната болест на белите дробови која се шири во САД, а е поврзана со користење на е-цигари, пренесува хрватски Индекс

Центарот за контрола и превенција на болести известил дека се појавиле 193 потенцијални случаи во 22 сојузни држави. Во повеќето случаи забележано е и конзумирање на ТХЦ, активна суспстанца од канабис.

Случаите се пријавени во текот на изминатите два месеца, а жената која починала била хоспитализирана поради непозната болест предизвикана од пушење на е-цигари.

Директорот на Центарот, Роберт Редфилд, навел дека оваа трагична смрт дополнително ги потврдува безбедносните ризици поврзани од конзумацијата на е-цигари и на нив слични производи.

Претседателот на Американското здружение на корисници на е-цигари, Грегори Конли изјавил дека е уверен дека заболувањата не се предизвикани од уредите кои содржат никотин, туку од тие кои содржат канабис или други синтетички дроги.

Причината за мистериозната болест сѐ уште не е идентификувана, но секој од случаите вклучува користење е-цигари во некој облик.

Симптомите на непознатата болест вклучуваат кашлање, отежнато дишење и замор, а во некои случаи повраќање и дијареа. Не е докажана присутност на некоја заразна болест од вирус или бактерија.

– Не е јасно дали овие случаи имаат единствен причинител или станува збор за различни болести со слични симптоми – изјавила доктор Илеана Ариас.

Само во сојузната држава Илиноис се забележани 22 случаи, а возраста на пациентите е од 17 до 38 години. Погодени се 22 сојузни држави, повеќето од нив во средниот и североисточниот дел на САД, но болеста се појавила и во Калифорнија, Тексас и во Ново Мексико, пренесува порталот.