„Три“ е првата професионална претстава на знаковен јазик за глувонеми и наглуви лица во нашата земја на македонски јазик, која ќе биде изведена на 4 декември од 12 часот, во големата сала од Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Претставата, во режија на Јован Ристовски, зборува за еко-катастрофата, за нехигиената, недисциплината и некултурата на поголемиот дел од населението во нашата земја. Таа е наменета за широката детска публика и истовремено за децата кои се глувонеми и наглуви. Актерите паралелно зборуваат говорно и на знаковен јазик.
„Глувонемите лица – знаковниот јазик го третираат за мајчин јазик. Тој факт ме донесе до ниво да размислувам дека и знаковниот јазик е дел од нашиот идентитет, како што македонскиот е еден од најбитните богатства и битна одлика за градење и битна одлика на идентитетот на нашиот народ. Случајната фикс идеја за монолог на знаковен јазик на музички детски фестивал ме донесе до реализација на идејата за претставата ‘Три’ во која актерите зборуваат говорно и во исто време го изведуваат говорното дејствие на знаковен јазик. Како тетарска екипа се судривме со една многу непозната материја која требаше и сакавме да ја совладаме. Театарската уметност познава и негува различни методи на работа, од актерски жанрови до стилска игра… Но оваа материја, знаковен јазик, говор во исто време, експресија на емоции, патот на мислата и нaмерата на ликот, па сè до актерската игра, реакциjaтa, мизансценот и тоа да се одигра паралелно, колку и да изгледа во претставата нормално и речиси воопшто не делува ни чудно или наметнато… е напорно и тешко за еден актер. Сцените и репликите ги создававме во текот на процесот кои ги адаптиравме. Секоја реплика прецизно ја обработувавме за да има тек и во говорното дејствие и во знаковното толкување“, вели режисерот Ристовски кон претставата.
Во претставата, во продукција на ATO, улогите ги толкуваат Никола Пројчевски, Маја Андоновска, Анастази Христовска и Сандра Грибовска. Костимографијата е на Марта Дојчиновска, а толкувач на знаковен јазик е Сузана Станоевска.