Во пресрет на 61-то издание на славниот “Сплитски фестивал 2021“: На сцената на јадранскиот “Сан Ремо“ нема да пеат Калиопи, Лиле Николовска и Маја Оџаклиевска

447

Фестивалската сцена (после корона пандемијата) ова лето на почетокот на јули месец ќе ја обележат воглавно локалните пејачи од Далмација(со чест на исклучоци Алка Вуица, Ибрица Јусиќ, Горан Каран….), додека од поранешната Југославија нема никој, а единствена надеж за фестивалско медитеранскиот “гушт“ будат најавените концерти на мегапопуларните Нина Бадриќ и Дорис Драговиќ кои ќе ги пеат и сплитските хитови

Дуле МИЌИЌ/фото:Јутјуб, ФБ, Инстаграм

“Сплитскиот фестивал“, надалеку познатиот музички настан на забавни мелодии, кој со причина го споредуваат со италијанскиот “Сан Ремо“ ова лето на почетокот на месец јули по 61. пат ќе се одржи во градот Сплит на популарните Прокуративи (некогашен Трг на Републиката).

Фестивалска химна

Фестивалот во текот на своето повеќедецениско постоење исфрли огромен број хитови кои во меѓувреме станаа евергрини, а кои и кај нас во Македонија и денес се слушаат, како на пример: Скалинада, Опрости ми папе, Ноно добри мој ноно, Ја сам скитница, Коколо, Куд плови овај брод, Сунчане фонтане, Љету је моме крај, Нека вали гинголају своје барке, Обала мојих снова, Маслина је необрана, Свирај ми свирај, Зар је вољети гријех, Надалина, Морнарева пјесма, Пољуби ме са обје банде, Лудо море, Тајна живота, Ди си бија кад је грмило, Ја сам пјесма,

Нека запјева стара клапа, Твоја барка мала, Рустикана, Далматинко лијепа си ти, Дуго топло љето, Мајко стара, Молим те остани, Малинконија, Серенада и мандолине, Једна жена чека брод, Покора, У камену пјесма пише, Диридонда, Моје сузе, Загрљени, Ластавица, Кадену си ми дао, Запјевајмо пријатељи, Фортуна, Адио љубави адио, На кушину, У пролазу, Моја Ане броји дане, Да море зна, Потсјети ме што то бијеше љубав, Вратија се барба из Америке, Нима Сплита до Сплита…

Дорис

И токму со таа песна “Нима Сплита до Сплита“(ја пее Тереза), која е фестивалска химна, и оваа година ќе биде отворен овој фестивалски настан кој во времето на поранешната југослевенска естрада (тогаш Сплитска музичка фешта беше и Интернационална со учество на странските мегаѕвезди: Доменико Модуњо, Тото Котуњо, Ива Заники, “Шедоузи“, Серѓо Ендриго, Клаудио Вила…) и важеше за најпопуларен фестивал, па постоеше непишано правило “ако победиш на фестивалот во Сплит имаш загарантирана стопроцентна голема популарност во наредните година дена“. А, во праксата така и си беше.

На гламурозната сцената во Сплит, веднаш до сплитската рива, со “Златно, сребрно или бронзано едро“ и “Златен грб на градот на Диоклецијан“ многу пати беа закитени Оливер Драгојевиќ, Тереза Кесовија(најчесто), Мики Јевремовиќ, Мишо Ковач, Љупка Димитровска, Мери Цетиниќ, Ѓорѓе Балашевиќ, Младен Грдовиќ, “Пепел ин кри“, Ѓорѓе Марјановиќ, Златко Пејаковиќ, “Про арте“, Јасна Злокиќ, “Нови фосили“, Иво Патиера, Петар Грашо, Јелена Розга, Данијела Мартиновиќ, “Магазин“, Ѓорѓи Перузовиќ, Сеид Мемиќ-Вајта, Радмила Караклајиќ, Зорица Конџа, Киќо Слабинац…..

Љупка

На секој од пејачите им беше чест да пеат на “Сплитскиот фестивал“, па така и на нашите Драган Мијалковски, Цветанка Ласкова со групата “Кан“, Маја Оџаклиевска, Љупка Димитровска, Зафир Хаџиманов, Сашка Петковска, Калиопи… кои зад себе оставија многу убави песни.

Оваа година меѓу учесниците сепак нема да ги видиме настапите на Калиопи и Маја Оџаклиевска. Овие две врвни пејачки многу пати имаат изјавено дека “Сплитскиот фестивал имаше силен впечаток врз нивните кариери бидејќи не само што таму ги испеале едни од своите најубави песни, туку на фестивалот има како ретко каде одлична фестивалска атмосфера и колегијално дружење, навалица од новинари“.

Лиле Николовска 

Иако очекувавме дека летово на фестивалските Прокуративи ќе запеат и Македонките Калиопи, Маја Оџаклиевска, а и Лиле Николовска тоа нема да се случи. Организаторот нема објаснување, а меѓу учесниците во натпреварувачката вечер јасно видливо е дека нема да има ниту еден пејач кој ќе допатува од странство во Сплит. Воглавно сите се домашни или подобро кажано, локални од самата Далмација. Сепак оваа интепретаторска монотонија, ако така може да се нарече, ќе се обидат да ја урнат со своите концерти две големи пејачки ѕвезди Нина Бадриќ и Дорис Драговиќ. Особено се типува на настапот на Дорис која и самата е родена сплиќанка и која пред својата домашна публика, а и пред ТВ-камерите, со овој сплитски фестивалски концерт на некој начин ѝ се враќа на сцената после една подолга пауза. Дорис Драговиќ и на македонската публика ѝ е мошне добро позната, особено нејзината плодна соработка со македонскиот менаџер Велибор Џаровски-Џаро за кој и денес гласно се зборува дека тој најмногу ѝ помогнал да победи на “Југовизија“ со песната “Жељо моја“. За разлика од Дорис, Нина Бадриќ е поинаков тип на пејачка која повеќе завлекува на друг тип на музика која не е многу медитеранска, но која има голем број слушатели.

Нина

Сепак Нина на сплитската сцена на свој начин ќе се обиде да ги испее најголемите фестивалски хитови, па останува да видиме дали тоа ќе ѝ се допадне на публиката?
Ако ги бараме најуспешните Македонки кои оставиле длабока трага на овој славен фестивал, тоа се без дилема симпатичната скопјанка (со место на живеење во Загреб) Љупка Димитровска и првата пејачка на групата “Магазин“ Лиле Николовска. За жал, симпатичната русокоса Љупка почина пред неколку години после долга болест, но песните што ги пеела на сплитските Прокуративе денес се на репертоар на голем број јадрански клапи: Твоја барка мала, Маестрал, Спавај цвите мој, Мала бјонда, Ето тако није лако, Нема више љубави, Липа Далмација… И песните кои ги пеела Лиле со “Магазин“ се хитови за сите времиња, а особено песната “Коколо“ која и денес е една од најомилените песни на сите забави, журки, родендени, прослави и тоа од Вардар па до Триглав.

Тереза на “Сплит 77“ (зад сцената) со хитовите “Пољуби ме са обје банде“ и “Испијмо чаше до дна“

Далматинскиот шмекер Мишо Ковач снимен на плажа (со бившата сопруга Анита Батурина) пред настапот на Сплитскиот фестивал 1977 г.

И после сè останува надежта, која последна умира, дека ова лето немавме среќа на сцената во Сплит и пред ТВ-камерите да уживаме во пеењето и на нашите популарни Македонки, но за утеха очекуваме од останатите учесници да испеат нови потенцијални хитови, кои ќе имаат сила да допрат и до нас во Македонија за да ни го пренесат преку нотите оној добро нам познатиот јадрански гушт, како што велат самите сплиќани.