Во пресрет на 21. ОФФест (1-4 јуни), Скопскиот џез-фестивал ќе го промовира  новото издание на SJF Records – првата дискографска објава на „Пијан славеј”.

Деби изданието на Пијан Славеј се состои од 5 композиции, во вкупно времетраење од 18 минути. Автор на текстовите и музичката скица е Бранислав Николов, а аранжманите и музиката во поширок контекст се дело на групата.

(Бранислав Николов: вокал, мини електрично пијано, Пеце Трајковски-Брада: дигитална хармоника, гитара, програминг, Андреа Мирческа: контрабас Мартин Џорлев: клавијатури и Мартина Баракоска: тапани.)

Гостуваат: Сара Мејс (харфа), Петар Христов (кларинет) и Никола Ристановски (глас). Песните се снимени, миксани и продуцирани од Ивица Јанкуловски во скопското студио „Алшар“. Дизајнот на омотот е дело на Александар Поповски. Извршен продуцент на изданието е Оливер Белопета.

Изворната идеја на овој проект беше да се презентира поконкретна музика со поетски сензибилитет на една нова македонска шансона. А потоа, тоа стана импулс за послободна и поширока групна интерпретација, градба и наслојување. Сега, сè повеќе доаѓа до израз развивањето на инструменталното ткиво врз зборовната коскеност. Од нежен ламент до крик – чувството на изолираност и загуба како нов духовен пејзаж, но и потребата од вистинскиот уметнички допир и преживување, се суштинскиот драјв на оваа музичка експресија што постојано се трансформира во потрага по сопствен природен глас…

„Pijan Slavej EP“ ќе биде достапно и на сите популарни глобални дигитални платформи и стриминг сервиси.