Европската Унија нема да се смири сè додека земјите од Западен Балкан не станат дел од ЕУ. За таа цел, ние сме целосно мобилизирани да ги поддржиме помирувањето и реформите како најдобар противотров на националистичката реторика“, изјави вчера министерот за надворешни работи на ЕУ, Жосеп Борел, пред Советот за безбедност на ОН. Ден претходно оптимизам стигна и од Франција. „Патот на Македонија беше извонреден. Денес ве примам како сојузник во Париз неколку дена пред Самитот на НАТО. Со полна поддршка на Франција, вашата земја стана членка на Алијансата, откако стави крај на разликите со Грција. Договорот од Преспа кој вие го изработивте, драг Зоран заедно со Алексис Ципрас заслужува да се нарече историски, рече францускиот претседател Макрон по вечерата со премиерот Зоран Заев во Париз.

 

Во пресрет на Советот на министри и Самитот на ЕУ, на 22 јуни, Македонија секојдневно добива недвосмислени позитивни сигнали од меѓународната заедница кои влеваат трошка оптимизам за конечно започнување на пристапните преговори за членство во ЕУ. Сите се согласуваат дека претпристапните преговори меѓу Скопје и Брисел за членство на нашата земја во ЕУ треба да се отворат сега.

Министерот за надворешни работи на ЕУ, Жосеп Борел, денеска пред Советот за безбедност на ОН изјави дека Европска Унија нема да се смири сè додека земјите од Западен Балкан не станат дел од ЕУ. „За таа цел, ние сме целосно мобилизирани да ги поддржиме помирувањето и реформите како најдобар противотров на националистичката реторика“, рече Борел.

Тој го наведе Западен Балкан како пример за „длабокиот ангажман“ на ЕУ, каде што се потребни „итни резултати“. „Општо кажано, ние не сакаме геостратешка конкуренција во Европа. Ние сакаме мирно, просперитетно и стабилно соседство, без таканаречени долгорочни конфликти и зони на влијание“, нагласи високиот претставник на ЕУ.

Охрабрувачки вести стигнаа и од Франција, која за потсетување, на Самитот во октомври 2019 година, одби да даде зелено светло за почеток на преговорите за Северна Македонија и Албанија, истакнувајќи дека процесот на прифаќање на нови земји членки на ЕУ мора да се смени.Пораката што сега ја прати францускиот претседател Емануел Макрон, по  вечерата со македонскиот премиер Зоран Заев, во четвртокот вечер во Париз,  е повеќе од јасна. „Патот на Македонија беше извонреден. Денес ве примам како сојузник во Париз неколку дена пред Самитот на НАТО. Со полна поддршка на Франција, вашата земја стана членка на Алијансата, откако стави крај на разликите со Грција.

Договорот од Преспа кој вие го изработивте, драг Зоран заедно со Алексис Ципрас заслужува да се нарече историски. Вие покажавте голема политичка храброст за да успеете и да го убедите вашиот народ. Сакам да потсетам овде дека ништо не беше напишано однапред, вие го изградивте и носевте со Алексис Ципрас и го зацврстивте, нагласи Макрон.

Осврнувајќи се на одлуката за почеток на преговорите за членство на Македонија со ЕУ и на исполнетите услови, францускиот претседател нагласи дека е време за нејзина реализација. „Време е да се конкретизира оваа одлука и ние ќе работиме да се најде решение за почеток на преговорите. Вашата земја заслужува да ги почне преговорите со ЕУ без одложување, додаде Макрон.

За волја на вистината и Португалија од листата на кочничари се префрли на листата на поддржувачи на македонскиот пат кон ЕУ. Се добива впечаток дека Португалија сака да го круниса своето претседателствување во ЕУ со успешно започнати преговори на Скопје и Тирана и не ја крие отворената наклоност кон напорите на македонската дипломатија. Македонија во далечната 1992 година ја започна својата одисеја наречена “Влез во ЕУ“ токму  во Лисабон – тогаш ЕУ се стави на страната на Грција и побара во нашето име да го нема зборот Македонија.

Позитивни сигнали деновиве зачестија и од САД. Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс вчера изјави дека САД поддржуваат отворање преговори за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија без одложување.

„Поддржуваме отворање преговори за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија без одложување. Се ангажираме на највисоки нивоа во владата, за да ја демонстрираме нашата посветеност кон европскиот пат на земјите аспиранти, напиша тој на Твитер.

(М.М)