Во пресрет на празничните пазарења:Италијанските градови воведуваат маски на отворено

62

Скијачите се вратија на падините на италијанските Алпи овој викенд по две сезони уништени од пандемијата на Ковид-19 и покрај заканата што сега ја претставува варијантата омикрон.

Минатиот викенд неколку скијачки центри ги пуштија своите ски-лифтови, како што се Cervinia и Cortina d’Ampezzo, но сезоната навистина започна вчера во целиот алпски ланец, јавуваат италијанските медиуми.

„Ова ќе биде година на продолжување на скијањето по затворањето поради пандемијата, која особено го погоди овој сектор, кој воопшто не функционираше зимата 2021 година или претходната 2019/2020 година“, рече Валерија Геци, претседател на Националната асоцијација на оператори на жичарници.

Во Италија се воведуваат нови мерки, па во пресрет на големите набавки пред Божиќ, се повеќе италијански градови воведуваат задолжително носење маски во центрите на градовите.

Новиот градоначалник на Рим, Роберто Гуалтиери, ја потпиша наредбата во средата, а според таа наредба, од оваа сабота, па се до 31 декември, луѓето ќе мора да носат маски во голем дел од центарот на градот, дури и на отворено.

Меѓу другото, новите мерки ги зафатија популарните туристички места во Рим на Шпанскиот плоштад и познатата шопинг улица Виа дел Корсо.

На северот на Италија, во метрополите Милано, Бергамо и Болоња веќе се воведени слични мерки. Исто така во главниот град на Пиемонт, Торино, градоначалникот Стефано Ло Русо потпиша одлука со која ги обврзува луѓето да носат маски за лице цел ден во некои делови од центарот на градот, додека во некои делови не мора да ги носат од вечер до следното утро.

Во Италија, здравствените експерти постојано ја нагласуваат важноста од носење маски за заштита од коронавирусот.