Во Преговарачката рамка нема ниту едно прашање поврзано со историјата и Протоколот, вели Маричиќ.

39

Во Преговарачката рамка не е наведено ниту едно прашање поврзано со историјата, ниту пак Протоколот што го потпишавме ова лето со Бугарија., ќе биде основа за вадење репери или мерила по кои ЕУ ќе нè цени нас, изјави денеска вицепремиерот и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ.

– Тоа значи дека Европската комисија нема простор или начин да извлекува мерила, критериуми за исполнување во однос на историјата, бидејќи тоа не е дел од европското право. Тоа не е дел од европските правила, нагласи Маричиќ.

Тој во денешното гостување во „Студио10“ на ТВ 24 објасни дека билатералните прашања ќе треба билатерално да ги решаваме и дека затоа постојат Историската комисија и други форми на соработка и тие прашања кои се во Протоколот, Северна Македонија билатерално ќе ги решава со Бугарија.

– Во Преговарачката рамка е јасно наведено дека генерален критериум за пристапување или напредок се добрососедските односи. Тука се ставени и договорот со Грција и договорот со Бугарија. Тоа е оценка на некој генерален напредок кој ние треба да го постигнеме со Грција и Бугарија. Нормално, напредокот зависи од двете страни и она што нам ни е најважно, на што инсистираме и сега, е на меѓусебно почитување и реципроцитет секаде каде што тоа е возможно и неопходно, додаде Маричиќ.

На прашањето како го коментира најновото истражување спроведено од фондацијата „Конрад Аденауер“ во рамки на публикацијата „30 години надворешна политика и одбрана“, според кое 57,1 проценти од граѓаните се против „францускиот предлог“, Маричиќ вели дека тоа е резултат на две и полгодишната блокада којашто се случи од страна на Бугарија и атмосферата што ја создаде политичката реторика во двете држави.

– Она што го гледам како шанса е што најлошата фаза е зад нас и мислам дека по постигнувањето на овој договор, односно по прифаќањето на „францускиот предлог“ работите ќе добијат нов тек. Тоа значи ние ги почнеме преговорите, сега ќе го потпишеме договорот за ФРОНТЕКС и да влеземе во една фаза на билатерални односи коишто треба да ја сменат таа атмосфера, потенцираше Маричиќ, додавајќи дека секогаш кога се носат и се прифаќаат вакви тешки одлуки тие на почеток немаат широка јавна поддршка, но со тек на време добиваат на тежина