Во првото полугодие реализацијата на приходите 44,4 отсто, а на расходите 46,7 отсто од планираните

30

Усвоен е полугодишниот извештај за Буџетот на земјава на денешната седница на Владата.

Владата  го разгледа и усвои Извештајот за извршувањето на Буџетот на Република Северна Македонија во периодот јануари – јуни 2020 година.

Во полугодишниот извештај за извршување на Буџетот кој е реализиран во услови на пандемијата од КОВИД-19 и во вонредна состојба, во резимето се констатира дека бруто-домашниот производ во првиот квартал (К1) од 2020 година забележа годишен раст од 0,2% на реална основа, при позитивен придонес врз растот на домашната побарувачка и негативен придонес на нето-извозот, во услови на пад и на извозот и на увозот. Бројот на вработени во K1 во 2020 година е повисок за 2,7% во однос на истиот квартал во 2019 година, а бројот на невработени се намали за 8,6%, што резултираше со намалување на стапката на невработеност на 16,2%. Во резимето на Извештајот за извршувањето на Буџетот на Република Северна Македонија во периодот јануари – јуни 2020 година е регистрирано дека стапката на инфлација во првото полугодие од 2020 година изнесува 0,5%, што е главно резултат на зголемените цени на храната за 1,7%, при намалување на цените на енергенсите, информираат од Владата.

Вкупните буџетски приходи се реализирани во износ од 87.437 милиони денари, што претставува 44,4% од планираниот износ за 2020 година, а вкупните расходи на Буџетот се реализирани во износ од 113.387 милиони денари, што претставува 46,7% од годишниот план.

Во периодот јануари-јуни 2020 година остварен е дефицит на Буџетот на Република Северна Македонија од 25.950 милиони денари, што претставува 3,8% од проектираниот БДП за 2020 година, државниот долг на Република Северна Македонија на крајот на првиот квартал од 2020 година изнесува 41,8% од БДП, додека јавниот долг претставува 50,7% од БДП.