Во првиот квартал реализирани 22 отсто од капиталните инвестици

110

Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) во првиот квартал годинава реализирало 22 процента од вкупните плаќања за капитални инвестиции за годинава и се очекува уште поголема нивна реализација со оглед на тоа што допрва следува градежната сезона, изјави денеска директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.

Во првиот квартал годинава се остварени инвестиции  од 2,96 милијарди денари (48 милиони евра) или за 215,5 проценти повеќе во однос на минатата година, кога изнесувале 941.196.966 денари (15,7 милиони евра).

Од 1 април до денеска се реализирани 490.967.824 денари, за 14,5 проценти повеќе во однос на истиот период од минатата година кога реализацијата била 428.631.931 денар. Од почетокот на годината вкупната реализација изнесува 3.951.859.268 денари, за 120  проценти повеќе во однос на остварените во истиот период лани, рече Китанов, потенцирајќи дека капиталните инвестиции на ЈПДП не се дел од тие што се реализираат со центраниот буџет на Владата.

На врачувањето на меѓународниот сертификат за одличност во спроведувањето на јавните набавки на ЈПДП од експертскиот Институт за набавка и снабдување од Велика Британија Китанов соопшти и дека   во првиот квартал од годинава претпријатеито бележи наплата на патарини во износ од 7,7 милиони евра, за 6,2 процента повеќе во однос на првото тримесечие од минатата година, која што, потенцираше Китанов, бела рекордна во наплатата на патарините.

Тој најави дека наскоро ќе профункционира електронската наплата на патарини на Коридор 10. За 20 дена се очекува да се пушти патарината кај Гевгелија, а до есен и на таа кај Демир Капија. За модернизација и реконструкција на патарините на Коридор 8  се става нов софтвер и категоризација и се обновуваат кабините. За тоа ќе се обезбедат пари од Европската банка за обнова и развој и ќе биде објавена тендерска постапка.

Според Китанов, сертификатот од британскиот Институт е показател за транспарентноста и ефикасноста на работењето на претпријатието коешто е носител на најкрупните капитални проекти во инфраструктурата. Лани биле реализирани 94 тендери за јавни набавки, а од почетокот на годинава 52, а истовремено, наведе Китанов, воопшто нема доцнење во исплатата на фирмите.

– Овој сертификат ни е од гоелма важност и ја покажува нашата транспарентност, работење и отчетност во постапките на јавните набавки. За тоа добивме потврда и  од Центарот за граѓански комуникации во изданието во јануари годинава каде што според нивната ранг листа на претпријатија според транспарентност ЈПДП беше ставено на прво место на оваа ранг листа со највисоки исполнувања на обврските, рече Китанов.

Вил Бити од британскиот Институт за набавка и  снабдување  потенцираше дека со добивањето на сертификатот претпријатието покажува транспарентност и ефикасност во работењето и истовремено дава придонес во борбата со корупцијата.