Со позитивни деловни перформанси во клучните сегменти од работењето, НЛБ Банка го заврши првиот квартал од годината. Во периодот од 1 јануари до 31 март годинава, одговарајќи на финансиските потреби на клиентите, Банката испорача силна кредитна поддршка за населението и домашниот бизнис сектор, зголемувајќи го пласманот на вкупните кредити и обезбедувајќи раст од 4,9% во овој сегмент, споредено со истиот период претходната година. Истовремено, и вкупните депозити на Банката се зголемени за 2,8%, што во најголема мера се должи на зголемувањето на позитивните салда на трансакциските сметки кај домаќинствата.

Благодарение на континуираните продажни активности на кредитните продукти со посебен фокус на домаќинствата, микро, малите и средни претпријатија, како и зголемениот број на корисници на платните сервиси, нето добивката на НЛБ Банка, заклучно со крајот на март изнесува 802.487 илјади денари.

Позитивните деловни перформанси може да се припишат на фокусот на Банката во поттикнување на оперативната ефикасност, обезбедување одлична услуга за клиентите и спроведување на ефективни стратегии за управување со ризик.

Во првиот квартал од годинава, НЛБ Банка доби три признанија од картичниот партнер Visa, една од најголемите платежни мрежи во светот и глобален бренд во дигиталните плаќања – едно за исклучителни деловни перформанси и две признанија за извонредни Visa спонзорски активации; со FIFA, за светското првенство во фудбал во Катар, како и за последното филмско остварување на Милчо Манчевски, „Кајмак“. За донацијата наменета за настраданото население по земјотресите во Сирија и Турција, на свечената церемонија по повод 78 години од постоењето на организацијата на Црвениот крст на РСМ на НЛБ Банка и беше доделено признание за несебичниот придонес, покажаната хуманост и солидарност.

НЛБ Банка, и натаму, продолжува да биде поддршка на населението и бизнис секторот во земјата, давајќи притоа значаен придонес во макроекономскиот и финансискиот амбиент на државата. Во фокусот на работењето на Банката остануваат дигитализацијата, унапредување на дигиталните канали во насока на зголемување на дигиталната пенетрација на клиентите. Освен тоа, Банката продолжува да работи и на унапредување на клиентското искуство, проширување на портфолиото на производи и услуги со посебен акцент на „зелените“ продукти, како и на општествено одговорни проекти за грижа за своите вработени и заедницата во целост.