Во пламени јазици, живи изгореа 59 луѓе меѓу кои 12 деца 

ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ - ДВЕ СТРАОТНИ ТРАГЕДИИ JA ЗАВИЈА  МАКЕДОНИЈА ВО ЦРНИНА

1343

На 8 септември изгоре модуларната болница во Тетово. Несреќата однесе 14 човечки животи кои се лекуваа од ковид-19, а меѓу нив имаше и медицински персонал и членови од семејствата на болните. На 23 ноември во три часот по полноќ се запали наш автобус во Бугарија, кој се враќаше од екскурзија од Истанбул, а во пожарот изгореа 45 патници, од кои 12 деца. Несреќата ја преживеаја седуммина кои итно беа хоспитализирани во софиска болница

 

Две траорни несреќи се случија во септември и ноември 2021 година, кога во експлозија и пожар живи изгореа 59 наши сограѓани. На 8 септември изгоре модуларната болница во Тетово. Несреќата однесе 14 човечки животи кои се лекуваа од ковид-19, а меѓу нив имаше и медицински персонал и членови од семејствата на болните.

На 23 ноември, во три часот по полноќ, се запали наш автобус во Бугарија, кој се враќаше од екскурзија од Истанбул, а во пожарот изгореа 45 патници, од кои 12 деца. Несреќата ја преживеаја седуммина кои итно беа хоспитализирани во софиска болница.

За двете несреќи истрагата е во тек, која, за жал, нема да ги врати починатите. И по речиси четири месеци, за пожарот во модуларната болница истрагата не е целосно завршена. Првично вештачењето покажало дека во болницата околу 21 часот се запалил продолжен кабел на кој бил вклучен дефибрилатор. Пожарот брзо се проширил и за помалку од десетина минути целата болница изгорела заедно со 14 наши сограѓани. Истрагата за модуларната болница ја води Основното јавно обвинителство на Тетово, а стручна помош дадоа и врвни форензичари од Германија.

Истрагата за запалениот автобус се води во Бугарија. Кобната вечер автобусот на компанијата „Беса транс” од непозната причина скршнал и удрил во заштитната ограда која го дели просторот за одмор од автопатот. Бугарските експерти утврдија дека од ударот се дупнал резервоарот за гориво на автобусот и предизвикал да избувне пожар. Возилото се заглавило меѓу заштитните огради што ги дели двете ленти на автопатот. Од овие причини средната врата на автобусот била блокирана, не можела да се отвори, инаку можеби повеќе патници ќе се спасеа.

Првичните резултати од вештачењата на истражите органи во Бугарија покажувале дека брзината на автобусот најверојатно била несоодветна според условите на патот. Дополнително таа ноќ врнел дожд, поради што коловозот на патот Струма бил влажен. Истражителите сметаа дека  нема причинско-последична врска меѓу несреќата, патната сигнализација и ознаките, иако тие можеби придонеле за неа. Според бугарските истражители возачот требал да биде повнимателен и да вози со соодветна брзина.

(В.Ма.)